Доделена државната награда „23 Октомври” за 2015 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври”, во согласност со Законот за државните награди и законите за изменување и дополнување на Законот за државните награди (Службен весник на РМ” бр.52/06, 54/07 и 74/12) и Правилникот за работа на Одборот, на својата последна седница донесе

О Д Л У К А

за доделување на државната награда „23 Октомври” во 2015 година

за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно – историското

наследство на Република Македонија

1. За остварување во областа на културата и уметноста, наградата им се доделува на:

– Стефан Хаџи Николов, ликовен уметник

– Фејзи Бојку, писател

– Костадин Костадиновски, музиколог, публицист, новинар и музички критичар.

Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 23 октомври 2015 година (петок) во 12 часот, во Собранието на Република Македонија.

Претседател на Одборот

за државната награда„23 Октомври”

академик Вера Битракова – Грозданова

Стефан Хаџи-Николов – ликовен уметник

Стефан Хаџи-Николов им припаѓа на малкутемина македонски умет­ници коишто мајсторски владеат со сликарскиот занает. Неговиот принцип на компонирање реферира не само на по­тра­­гата по суптилниот ерот­ски мајчински принцип туку, пред сè, на по­трагата по иденти­те­тот на македонското битие.

Фејзи Бојку – писател

Фејзи Бојку е автор на 14 оригинални дела – збирки поезија и раскази за деца и за млади. Неговите дела се издадени неколку пати како школска и домашна лектира. Од нив, 3 книги се преведени на македонски и 2 книги на српски и хрватски јазик. Освен како автор на книжевните дела, Бојку се истакнува и како автор на 8 научни теоретски трудови, прикази и прегледи.

Костадин Костадиновски – музиколог, публицист, новинар и музички критичар

Костадин Костадиновски е познат музиколог, публицист, новинар, композитор, музички критичар, автор на естрадни песни и организатор на музичките фестивали во Република Македонија. Тој е доаjен на македонската музиколошка наука во Република Македонија со најбогата продукција.