Нема дилема „странски или домашни инвеститори“ – нам ни требаат и едните и другите. Ни требаат добри инвеститори, кои ќе работат според законите и кои ќе отвораат нови работни места, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за Сител телевизија.
„Во зоните денес работат околу 14.600 лица. Сите тие имаат семејства, деца. Со платата што ја земаат во фабриките ги издржуваат нивните семејства и имаат перспектива. Без тие фабрики луѓето ќе немаат перспектива и уште поизразен ќе беше проблемот на сиромаштија и невработеност“, истакна Ставрески.
Ставрески рече дека опозицијата постојано ја критикувала Владата прво зошто нема компании во технолошко индустриските зони, а потоа откако почнале да се градат фабрики во технолошко индустриските зони – зошто се прават развојните зони.
„Сега опозицијата виде дека има многу фабрики и темата е зошто се оди на роуд шоу, зошто се трошат пари, зошто се прават технолошко развојни зони. Зоните се потребни бидејќи со нив се решава проблемот на невработеноста во Македонија и се зголемува извозот“, рече Ставрески.
Како што истакна вицепремиерот, Владата работи и мора да работи со сите можни инструменти да се донесат нови инвеститори и во секој град во Република Македонија да се отворат нови фабрики.
„Кога во Прилеп ќе дојдат Гентерм и ќе отворат 1.500 нови работни места или во Кавадарци – Дрекслемаер со 5.700 работни места или во Штип – Џонсон Контролс, сите тие отвораат работни места каде младите луѓе можат да најдат работа. Затоа, ја повикувам опозицијата да се увери дека впечатокот на Македонија овие години е многу подобрен, бидејќи странските компании кои работат во Македонија и оние кои од надвор ја набљудуваат, го кажуваат тоа. Не е прашањето дали Владата смета така, туку самите инвеститори кажуваат дека Македонија е неспоредливо подобра земја за инвестиции денес во однос на тоа што беше пред 10 години“, рече Ставрески.
Тој посочи дека Владата и покрај сите предизвици успеала да ја намали невработеноста. Креирани се 133.000 нови работни места од кои само преку проектот „Македонија вработува“, кој се применува од април годинава, се создадени 7.190 работни места или преку 300 работни места неделно, истакна министерот за финансии.