На штандот на Република Македонија на Саемот на книга во Франкфурт утре ќе биде организиран национален ден, насловен „Дожд од зборови“, на кој ќе бидат претставени четворица афирмирани македонски автори – Митко Маџунков, Венко Андоновски, Блаже Миневски и Кица Колбе.
За нивното творештво пред посетителите на македонскиот штанд ќе говори Бенјамин Лангер, македонист и професор на Универзитетот во Берлин, а извадоци од нивниот книжевен опус се застапени во каталог кој ќе биде достапен и во електронска форма.
Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ), со поддршка на Министерството за култура, втора година по ред е комесар на претставувањето на македонската литература на најголемиот саем на книга во светот.
На специјално подготвениот штанд на РМ, под мото „Куќа на зборови, куќа на светови“, изложени се над 1.400 книги наречиси сите издавачи во земјава и публикации на национални установи. На штандот е претставена и едицијата „135 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик – проект на Владата и Министерството за култура, како и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од странски издавачки куќи, за кој имало интерес на минатогодишниот саем во Франкфурт.
Македонскиот штанд е збогатен и со реплики, сувенири, артефакти и други содржини кои ја илустрираат македонската културна традиција, а сето тоа под препознатливиот бренд „Македонија вечна“.
Според Горјан Лазаревски, претседател на ЗИКМ, присуството на Република Македонија на овој меѓународен настан е исклучително важно затоа што саемот е можност нашите автори да го промовираат своето творештво пред целиот свет.
„Наша цел е целокупна промоција на книжевниот опус кој се создава кај нас, со акцент на најзначајните македонски автори на денешницата. Македонија има што да понуди и на долг рок треба заеднички да работиме на изнаоѓање што поубедлив модел за континуирано присуство на македонската литература и култура насекаде во светот,“ рече Лазаревски на прес-конференција по повод годинашното учество на Саемот во Франкфурт.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, исто така, нагласи дека присуството на оваа саемска манифестација, која има веќе 66-годишна традиција, е од исклучителна важност за презентација и промоција намакедонската литература, македонските автори и издавачи во меѓународни рамки.
„И оваа година го прифативме концептот на саемот на книгата во Франкфурт да бидат претставени вредни изданија, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции кои ја претставуваат Република Македонија, нејзиното богато културно наследство и туристичките потенцијали“, рече Канческа-Милевска.
Саемот во Франкфурт е центар на издавачката индустрија во светот, се одржува секоја година во октомври и учествуваат над седум илјади издавачи. Тој е можност за воспоставување контакти на авторите со литературните агенти зашто, пред се, е наменет за договарање и продажба на авторски права за превод.
Со поддршка на Министерството за култура, преку Годишната програма, до крајот на годинава литературата одМакедонија ќе биде претставена и на саемите во Истанбул и Софија.