Грант од 10 илјади евра за отворање приватна детска градинка предвидува мерката што треба да почне да се реализира од идната година. Мерката треба да донесе нови вработувања и да ги зголеми капацитетите за згрижување на деца од претшколска возраст, а ја најави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
„Во делот на градинките планираме нова програма која треба да започне да се реализира на почетокот на 2016 година. Станува збор за грант за основање приватни градинки во висина од 10.000 евра. На ваков начин планираме да поттикнеме најмалку отворање на 10 приватни градинки преку овие грантови во 2016 година. На таков начин треба да се отворат нови 50 работни места и да се создадат околу 500 нови места за згрижување деца од предучилишна возраст“, истакна министерот Спасов одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на приватната детска градинка во колеџот „Јахја Кемал“.
Ова, рече министерот за труд и социјална политика, е уште една нова поволност со цел да се поттикне и натаму да продолжи зголемувањето на бројот на приватни детски градинки во Република Македонија.
Локациите и приоритетите, додаде Спасов, ќе се одредуваат зависно од интересот.
„Планираме на почетокот на 2016 година да отвориме јавен повик да ги поттикнеме сите заинтересирани да аплицираат, а потоа врз основа на интересот кој ќе го изразат ќе бидат дефинирани приоритетите“, истакна министерот за труд и социјална политика Спасов.