Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите истакна:
„Неможам да сватам ниту јас, ниту нашиот преговарачки тим, а верувам ниту нашата македонска јавност, како на некој може да му е поважно да од овие 12 часа разговори, повеќе од 8-9 часа потроши на важноста на донесување на законот за забрана на објавување на политичките бомби од европската иднина на сите граѓани на Република Македонија.
Навистина неможам ниту јас ниту било кој од нас да имаме рационално објаснување дека не може да се постигне договор за едноставни работи и упорно да се купува време до последните моменти. Остануваат уште 20 часа од денешниот ден да се имплементира законот за специјалниот обвинител и да се избере техничката влада на Република Македонија за да може да се испочитува договорот потпишан на 2 јуни и 15 јули.“– изјави Заев.
Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Има договор за законот за Влада?
Заев: Нема договор. Значи очекуваме реализација целосна на законот за специјален обвинител и секако реализација на договореното од 15 јули а тоа е организација на влада онака како што е дефинирана во договорот, ниту повеќе ниту помалку.
Денеска е 20-ти октомври, сега е 4 часот наутро, до 24 часот има уште 20 часа да се постигне договор за вака едноставни работи. Едноставно да се имплементира законот за специјалниот обвинител, да се избере тимот на специјалниот обвинител и да се избере техничка влада онака како што е дефинирана во протоколот и прецизирана од 15 јули, тоа е дистрибуирано на јавноста и толку едноставно.
Медиуми: ВМРО ДПМНЕ го кочи целиот процес и ако го кочи зошто го кочи конкретно ? Што е спорно кај нив во овој законот измените на законот за влада кај што треба да се назначат замениците министри од опозицијата?
Заев: Реков 8 часа се потрошија за законот за бомбите. За да можете да бидете казнувани вие медиумите и да биде воведена цензура. Нема да дозволиме да се донесат закони кои што се спротивни на европските вредности. Тоа е против Република Македонија не е само против нашите ставови. Тука беа главните проблеми, спорот во делот на имплементацијата на техничката влада е ветото на замениците министри. Апсолутно тоа е дефинирано во самиот член во протоколот каде што се објаснува дека се однесува на финансиски, човечки и правни работи поврзани со организацијата на изборите. Тоа треба да се преточи во закон, ни повеќе ни помалку. Едноставна е работата, постојат закони и за влада и за јавна администрација сето друго е постојано во Р.Макеоднија.
Медиуми: Дали ќе можете да ги користите објавените бомби за време на изборната кампања?
Заев: Има уште 20 часа да истече рокот согласно договорот од 2 јуни и 15 јули
Медиуми: Што ќе се случи ако не се договорите? Пропаѓа договорот?
Заев: Секако ако нема договор ние нашите ставови јавно ќе ги соопштиме.
Медиуми: Господине Заев што е спорно во овој закон кој се предлага за ограничување на објавување на прислушкуваните материјали, која е позицијата ваша која е на премиерот Груевски?
Заев: Нашата позиција е дека е недозволиво во целиот демократски свет, ниту во ЕУ да има 5 години затвор за главен уредник, за новинар, за медиум, или некој одговорен во медиумот.
Тоа е недозволиво, никаде во светот не постои и спротивно е на европските вредности. Македонија треба да ита кон исполнување на европските вредности за да може граѓаните да ги консумираат тие европски вредности.
Не може никој да даде согласност на вакви законски решенија. Едноставно е, не можеме да се согласиме да бидат казнувани медиумите и претставниците на медиумите спротивно на европските вредности.
Медиуми: Значи според ова што го слушаме вие не сте биле ниту блиску до договор. За какво приближување на ставовите тогаш зборуваат Ахмети и Димовски?
Заев: Нашите ставови можат да бидат субјективни. Меѓународната заедница е присутна тука, јас сум неизмерно благодарен како граѓанин на Македонија за нивните напори коишто ги прват овде, правејќи навидум едноставни работи но никако да не може да се дефинираат. Власта само создава впечаток на купување на време. До кога ќе купува време? Еве дојде и комесарот Хан. До кога? Последните 20 часа сега да ги купуваме?
Едноставни се работите. Транспарентно ги кажуваме и затоа сум овде пред вас, за сето она што прашувате имаме одговори. Чесно е. Не можам да дадам согласност јас, ниту СДСМ, ниту опозицијата, да се казнуваат медиумите ниту пак да се донесе нешто како закон коешто е спротивно на европските вредности. Апсолутно, такво прашање е апсолвирано прашање.
Секој граѓанин на Македонија ќе не осуди ако такво нешто договориме. Правото на вето е предвидено во договорот, тоа ниту треба да се додава ниту да се одзема, дефинирано е во договорот. Ние тогаш ги насочивме сите капацитети и мисли за да изнајдеме формулации и тие се впишани во договорот од 2-ри јуни, поточно во протоколот од 15-ти јули. Тоа е многу едноставна работа, седнете, прочитајте го и ќе ви стане јасно што значи вето и за што се однесува, за организација на избори. Не треба филозофија за да се прецизираат ваквите работи.
Медиуми: Дали сте оптимист господине Заев?
Заев: Не можам да кажам. Нерационалноста во однесувањето транспарентно ја соопштувам. Ако е до нас, ние сме целосно посветени, максимално флексибилни, со сета енергија да успее договорот и Македонија да чекори кон ЕУ. При тоа, да имаме демократски, фер и регуларни избори. Ако се сака за два часа може да се постигне договор. 20 часа се премногу.
Медиуми: Кога се очекува да продолжат разговорите по работните групи?
Заев: Оставаме на меѓународните претставници. Ако тие ги свикаат ние сме на располагање. Секако, уште 20 часа остануваат од рокот предвиден со Договорот.