Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска свечено ги доделија националните награди за општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија спроведени во 2014 година.
За наградите конкурираа 34 претпријатија со вкупно 50 проекти, од кои 10 мали и средни со 13 проекти и 24 големи со 37 проекти, во различни категории на општествена одговорност. Најмногу од претпријатијата, 21. конкурираа во категоријата „Вложување во заедницата“, првпат аплицираа девет, а најголем дел од оние кои аплицирале – по седум се од финасискиот и услужниот сектор, додека 91 отсто од пријавените се од Скопје.
Во категоријата „Однос кон вработените“ статуетка за најдобри општествени практики во 2014 година добија Витаминка од Прилеп и Градежен институт Македонија, за „Етичко управување“ статуетка им беше доделена на Макстил, ЕВН Македонија и Раде Кончар ТЕП, за „Односи на пазарот“ на Комерцијална банка Скопје, за „Заштита на животната средина“ на Цементарница УСЈЕ и Пакомак, за „Вложување во заедницата“ на Даути комерц и Меѓународното училиште НОВА, додека за „Најинвентивна практика“ статуетка ја доби Комерцијална банка за проектот за овозможување услуги за лицата со оштетен вид. Плакети им беа доделени на повеќе големи, мали и средни компании во сите категории.
„Целта на Националната награда е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да даде инспирација за воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. Колку сме успеале во тоа говори фактот што во овие осум години претпријатијата пријавија речиси 500 добри општествено одговорни практики со кои ја покажаа својата посветеност и грижа за општеството и животната средина“, рече министерот за економија Беким Незири во поздравниот говор.
Тој посочи дека концептот на општествена одговорност станува составен дел на работењето на деловните субјекти во земјава по примерот на европските.
„Со него тие директно ја подобруваат својата конкурентност во глобалната економија, ја зголемуваат додадената вредност на нивните производи и услуги и го подобруваат угледот и имиџот на претпријатијата. Уверен сум дека овој концепт ќе се развива и во иднина со зголемување на бројот на компаниите кои со своето тренспарентно и етичко однесување покажуваат дека нивна цел не е само создавање профит, туку и зачувување на животната средина и унапредување на социјалното милје со што придонесуваат за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат“, рече Незири.
Најдобрите практитки за 2014., додаде, ќе бидат претстаавени пред домашната јавност и во ЈИЕ во земјите кои покрај Македонија се вклучени во проектот: Романија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Србија, и Бугарија.
Првиот секретар и раководител за економија и финасии во Делегацијата на Европската комиисија во Македонија, Јаромир Левичек рече дека ЕК веќе седум години е еден од главните поддржувачи на општествено одговорните практики во земјава и додаде дека концептот за општествена одговорност треба да се имплементира во македонскиот образовен систем.
„Агендата за општествено одговорно однесување мора да биде локално фокусирана и да се движи од дното нагоре со цел да се одговори на потребите за развој“, рече Левичек.
Претседателот на Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата Алексндар Николов посочи дека една од новините годинава е признанието за „најинвентивна практика“ кое, како што рече, се доделува на проектот што има нов пристап кон решавање на одреден општествен проблем или нов пристап кон бизнисот што носи придобивки за засегнатите страни.
„Докажавте дека и во услови на перманентна криза во опкружувањето можете да бидете профитабилни, а истовремено и одговорни кон заедницата и животната средина“, им порача Николов на претпријатијата кои аплицираа за наградата и нагласи дека годинава има извонреден квалитет на пријавените проекти со одлични и оригинални идеи.
Тоа, потенцира, го направи изборот многу тежок за жири комисијата.
Миле Бошков, претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, која годинава е коорганизатор на настанот, истакна дека за нив општествената одговорност е дел од социјалниот дијалог.
„Нашата мисија е општествана одговорност за сите и оставање на печат или отпечаток во целокупното општествено живеење… Компаниите општествената одговорност не ја прават за профит, туку за оставање на отпечаток во општеството, бидејќи останува за иднината, додека луѓето се менуваат. Затоа треба да работиме на тоа што ќе им оставиме за нашите деца во категориите етика, вложување во заеницата, вработените и човечкиот кадар“, рече Бошков.
Организирањето на Националната награда финасиски беше поддржано и од проектот „Општествена одговорност за сите“ (CSR for All).