Странците кои сакаат да инвестираат во Македонија во иднина на едно место ќе може да ја добијат потребната документација за работна и за дозвола за престој, наместо да посетуваат неколку институции. Канцеларијата се наоѓа на улица „Македонија“ бр. 22 и ќе има повеќенаменска функција. Покрај администрација во неа ќе биде сместен и Центарот за книга – проект предвиден со Националната стратегија за култура 2013-2017.
Просторот му е доделен на Министерството за труд и социјална политика, градежните работи за реконструкција и адаптација на деловниот простор почнаа денеска и се во надлежност на Агенцијата за вработување. Министерството за култура, пак, ќе го уреди ентериерот затоа што просторот ќе биде репрезентативен и во него ќе се прават приеми и презентации. Реновирањето треба да заврши за 30 дена, а за комплетна употреба просторот се очекува да биде подготвен за два месеца.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска на локацијата изјави дека во канцеларијата (т.н. One stop shop), на едно место ќе ги има услгите на институциите кои се вклучени во процесот на издавање работни дозволи и дозволи за престој за странци.
„Целта е секој кој одлучил да инвестира во РМ да може своите формалности и процедури да ги заврши овде, во срцето на градот, во еден убав деловен простор, каде што ќе се примаат странките – заинтересираните граѓани, потенцијалните и постоечките инвеститори за да ги реализираат своите потреби кон институциите и да ги извадат потребните работни дозволи за нивниот бизнис“, изјави Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поовски рече дека и поднесувањето и подигањето на дозволите ќе биде на истото место.
„Во еден убав простор каде што странците ќе може да дојдат лично, да поднесат документи, без одење на пет различни места… Сега странците одат по еден пат кој е несоодветен – доаѓаат во Агенцијата, во МВР одат да се сликаат и по одредени денови пак доаѓаат. Одат во простории каде многу луѓе чекаат за други услуги и така се нарушува угледот на земјата. Затоа решивме да го направиме овој One stop shop“, рече Поповски.
Странците што ќе доаѓаат по дозвола ќе може да се запознаат и со литературното творештво од Македонија зашто во истиот простор ќе работи и Центарот за книга. Она што би било привлечно за нив е конкурсот за субвенционирање странски издавачки куќи кои ќе преведат дела од македонски автори, кој Министерството за култура успешно го реализира.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска посочи дека Центарот ќе функционира како посебна организациска единица на Министерството за култура.
„Во Националната стратегија за култура го внесовме како приоритет формирањето на Центарот за книга. Тој ќе врши унапредување и промовирање на издавачката дејност во нашата држава, промоција на книгата преку нејзините основни функции – образовна, културна, социјална…, подобар пласман на нашите автори во странство и најразлични презентации за поддршка на издавачката дејност која ја даваме во континуитет. Ќе има и изложбен простор каде читателите ќе може да се запознаат и со капиталните проекти кои ги реализираме со поддршка на Владата и сето она што го поддржуваме преку годишните конкурси“, рече Канческа-Милевска.