Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од амбасадорите и замениците-амбасадори на дел од земјите од групата пријатели на Република Македонија во Европската унија: на Чешката Република, на Република Австрија, на Словачката Република, на Кралството Шведска, на Република Хрватска и на Република Словенија.
На средбата беше разговарано за последните случувања околу актуелната политичка криза во земјата и можностите за нејзино надминување.
Претседателот Иванов уште еднаш истакна дека очекува одговорно однесување од лидерите на сите политички партии, потписници на договорот, порачувајќи дека преземените обврски мора доследно да бидат реализирани и во рамки на предвидените рокови.
„Македонија е предолго време во политичка криза и сите политички партии мора да покажат максимална одговорност и доследно да ги исполнат сите обврски од договорот. Тоа е нивна обврска, и тоа е нешто кое го очекуваат граѓаните на Република Македонија”, истакна на средбата претседателот Иванов.
Македонскиот претседател уште еднаш повика на разумност и на конструктивен дијалог, како единствен успешен начин за изнаоѓање решение, усогласување на ставовите и надминување на предизвиците.
Соговорниците, како претставници на земјите од групата пријатели на Република Македонија, ја изразија својата загриженост од неможноста политичките партии да постигнат согласност во однос на спроведувањето на политичкиот договор за излез од политичката криза. Се согласија дека политичкиот дијалог и стабилизирањето на политичката клима во земјата е од суштинско значење за европската и евроатлантската иднина на Македонија. Во тој контекст заеднички апелираа до политичките партии да заземат сериозен и одговорен пристап во однос на имплементирање на договорот и да се фокусираат на евроатлантскиот пат на земјата.
Потенцирајќи дека Република Македонија има вложено огромен труд, ресурси и посветеност за имплементирање на европските реформи, претседателот Иванов порача дека евентуалното назадување на патот на евроинтеграциите ќе претставува огромен неуспех за сите субјекти во државата и пред сè ќе влијае фрустрирачки и демотивирачки за македонските граѓани, кои во огромно мнозинство ја поддржуваат европската перспектива на земјата.