Ристовски присуствуваше на седмата Меѓународна конференција за човечки ресурси

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на седмата Меѓународна конференција за човечки ресурси. Годинешната тема на конференцијата во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси е насловена „Искуство и иновативност“.

Поздравувајќи ги учесниците на конференцијата, Ристовски истакна дека развојот и унапредувањето на човечкиот капитал, како најважен ресурс за придвижување на една организација, е основа за креирање на стратешките политики во многу области.

„Од исклучително значење денеска е поврзаноста на инвестициите и развојот на човечките ресурси и нивно поврзување со иновациите – област во која ние како Влада и Министерство инвестираме многу. Во изминатиот период беше формиран и Фондот за иновации и технолошки развој во Република Македонија. Како ресорно Министерство даваме поддршка на една ваква конференција затоа што развојот на човечките ресурси зависи од иновациите, а истовремено и иновациите зависат од развојот на човечките ресурси. Само на тој начин Република Македонија ќе може на сите нивоа да се развива како конкурентно општество во сите области“, рече Ристовски.

На конференцијата чија цел е да се разменат искуства за тоа како иновативноста може да биде поттикната во организациите, учествуваа практичари, експерти и најуспешните менаџери во областа на човечките ресурси од Хрватска, Словенија и Бугарија.