Германската компанија „Костал“ официјално почна со реализација на најавената инвестиција во Македонија во вредност од 50 милиони евра, а која треба да отвори илјада работни места. Стартуваат во постоечки објект како браунфилд инвестиција, а од почетокот на наредната година ќе почне и изградбата на нивната нова фабрика.
Договорот за реализација на инвестицијата на „Костел“ денеска во Владата го потпишаа директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и извршниот потпретседател на „Костал“ Кристофер Сандерс.
Фабриката на „Костал“ ќе биде лоцирана во ТИРЗ Струга/Охрид каде што ќе произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија. Паралелно ќе работи во две фабрики, во објектот во поранешен ЕМО, како и во новата фабрика која ќе се изгради во индустриската зона.
Преговорите за инвестицијата со германски „Костал“ започнаа во 2011 година и како што рече по потпишувањето советникот во кабинетот на премиерот Никола Груевски, Алек Никовски интензивно се работеше за да се убедат дека Македонија е вистинската дестинација за нивниот нов производствен капацитет.
„Се работи за една извонредно успешна германска компанија со многу силно реноме во својата индустрија која што е многу брзо растечка. Во последните неколку години го има двојно зголемено својот раст“, рече Никовски.
Според него, реализацијата на оваа инвестиција е важна како за охридско-струшкиот регион, така и за целата држава и таа е доказ за успешноста на политиките на Владата за привлекување инвестиции и отворање нови работни места.
Извршниот потпретседател на „Костал“ Кристофер Сандерс рече дека по спроведеното истражување во многу земји за тоа какви услови нудат за инвестирање откриле дека Македонија е таа локација која им потребна, а Охрид и Струга им нудат многу предности за нивниот иден бизнис.
„Ова е важен ден за „Костал“, затоа што денес ние почнуваме со вистинската работа, односно со проектот што беше договорен од 2013 година“, рече Сандерс и додаде дека пред нив е светла иднина.
Истакна дека активностите за реализација на инвестицијата ќе почнат во наредните неколку недели и дека веќе на обука се ангажирани 10 вработени.
Посочи дека барањата на дигиталниот свет и на индустријализацијата се навистина од клучно значење за нив, исто како и барањата на потрошувачите и токму поради тоа им е потребен вистински калибар на вработени, на образование и на инженеринг.
Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо појасни дека „Костал“ ќе работи во објект од поранешно ЕМО од 6.000 метри квадратни кој го има земено под закуп на пет години.
„Ќе се реализираат две паралелни инвестиции. Едната ќе функционира во слободната економска зона за производство на електронски компоненти во автомобилската индустрија, а втората во постоечкиот објект каде што ќе се произведуваат разни производи“, рече Мизо и додаде дека се преземаат сите активнсоти за да се дооформи индустриската зона која ќе биде прва според новите ингеренции кои ги има добиено за адаптирање, реновирање и за менаџирање со индустриска зона каде што комапниите освен „Костал“ ќе имаат можност да влезат во охридскиот регион.
Тој додаде дека во објектот на „Костал“ ќе бидат ангажирани поранешни вработени од ЕМО кои ќе почнат со обука, а производството се очекува да почне на почетокот на 2016 година.
„Костал“ постои 100 години, работи во 17 земји, има 16.000 вработени и во последните години двојно го зголеми својот раст и извонредно е позиционирана во автомобилската индустрија. Компанијата има годишен обрт од две милијарди евра.
Пред потпишувањето на договорот, во Владата на Република Македонија извршниот потпретседател на „Костал“ Кристофер Сандерс и директорот на компанијата за Македонија Јури Макхлаков имаа средба со премиерот Никола Груевски.