Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против В.К. (35) од Струга.
Пријавениот, во периодот од јуни до септември оваа година, во својство на директор на МЈП „Проаква“-Струга во неколку наврати, со неизвршување на својата службена должност, не организирал благовремена набавка на хлор и други заштитни хемиски препарати за тековното чистење на водите од изворите што се користат за градскиот водовод за Струга и околните населби.
Во текот на август годинава, во полициската станица во Струга примена е заверена изјава од правен субјект дека загадувањата на подрачјето на изворите за питка вода кај селото Шум го врши ресторант кој е бесправно изграден. Според изјавата, покрај загадување на водите за пиење од изворите во селото Шум, загадување се случува и во водите на малата акумулација Езерце која е во состав на објектите на МЈП „Проаква“ и која е дадена со концесија за користење и одгледување на риби на правен субјект и физичкото лице концесионер од селото Шум.
Во периодот јуни-август, Агенцијата за храна и ЦЈЗ Охрид, извршиле 18 мерки за земање примероци од изворите за питка вода кај селото Шум. Според нивните анализи, во 6 случаеви, земените примероци вода на 08-21 јули, 19-25 август и 15-21 септември, не одговарале на правилникот за користење на изворски води како вода за пиење односно водата била загадена.