Заев: Ова вечерва е нов почеток за граѓаните и за Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите истакна:

„Вечерва победи Македонија, ова вечерва е нов почеток за Македонија и за сите нејзини граѓани. Постигнат е договор којшто утре треба да биде само правно, легално формализиран, преку преточување во Закон за Влада, во којшто се дефинираат надлежностите на замениците министри, постигнат е договор за Изборниот законик, постигнат е договор за Законот за whisteblowers или свиркачите, постигнат е договор на Закон за заштита на приватноста, којшто стапува во сила веднаш, а ќе се применува после шест месеци, период дозволен за да се изјасни Венецијанската комисија по самиот закон и постигнат е договор којшто треба да биде преточен во одлука на Парламентот за Анкетната комисија.

Сето ова утре треба само уште еднаш на работните групи да биде разгледано, поради техничките аспекти и веднаш штом ќе биде подготвено, да биде испратено во Собранието, за парламентарците да го дискутираат и секако се надевам дека ќе го донесат. Истовремено вечерва ја исполнив и обврската согласно Договорот, да го предложам кадровското решение за министер за внатрешни работи, за кој барав согласност од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, согласноста ја добивме. Нов министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.

Истовремено, поради тоа што спроти мене седеше премиер, кој ќе биде премиер до 100 дена пред изборите, ги предложивме и другите имиња. За сите овие кадровски решенија, напоменувам, условени се, поради тоа што органите и телата на СДСМ треба да ги донесат одлуките, финално Централниот одбор на СДСМ. Министрека за труд и социјална политика ќе биде Фросина Ременски. Заменик министер за финансии ќе биде Кире Наумов. Заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Љупче Николовски, заменик министер за информатичко општество и адиминистрација ќе биде Александар Кирацовски. Секако, доколку Централниот одбор на СДСМ ги потврди овие имиња, а секако се надевам дека ќе добијат поддршка и од нашите коалициски партнери, коишто ги застапувавме заедно, покрај нашата партија.“– изјави Заев.