Македонија до 21 година ги започна подготовките за натпреварот со Франција

Македонската репрезентација до 21 година денеска го имаше првиот собир во пресрет на квалификацискиот натпревар против Франција на 15. Ноември на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Поради повреда на задната ложа Давид Бабунски нема да биде во комбинација за пресметката против фаворитот за првото место во групата. Фудбалерот на Барселона „Б“ упати порака со поддршка до репрезентативните колеги.

„За жал на последниот натпревар добив повреда на задната ложа и нема да бидам со вас против Франција. Со цело срце ви посакувам успех. Верувам во вас“, – стои во пораката на Давид Бабунски.

На негово место селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски го повика фудбалерот на дански Вејле, Хакан Реџеп.

Напаѓачот на тетовска Шкендија, Марјан Радевски вели дека тимот ќе даде се од себе да ги направи горди навивачите и поддржувачите на младата репрезентација.

„Планот и подготовката е ист како и пред секој натпревар, а тоа е да ја одиграме својата игра со многу енергија и трчање и да имаме брзо движење на топката. Тоа во изминатите натпревари ни овозможуваше да создадеме голем број на шанси за погодоци. Франција е фаворит во групата, но ние потврдивме дека можеме да се носиме и надигруваме со сите. Ќе ни биде неопходна и поддршка од навивачите, а ние ќе дадеме се од себе да ги направиме горди“, – вели Радевски.

Енис Барди, фудбалерот од средниот ред вели дека тимската атмосфера е многу важна во намерата да се оствари позитивен резултат.

„Ја почитуваме Франција, многу силна репрезентација со играчи од најдобрите клубови во Европа, но секоја екипа има одредени недостатоци, така и тие. Ќе се обидеме да го одиграме својот фудбал, а кога успеваме во тоа, тешко ќе не совладаат. Ако се држиме до тоа што селекторот го бара од нас би можеле да се надеваме на позитивен резултат. Натпреварот мора да го одиграме опуштено, во тимска атмосфера и да ја презентираме нашата игра во најдобро издание“, – вели Барди.

Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска првиот тренинг го има во 12:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.