Запленети девизи, акцизни производи, лекови, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, цигари, тутун, домашна ракија, лекови, религиозни предмети, облека, ташни, паричници, ремени и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 12.900 евра откриени во два одвоени случаи, при контрола на два бугарски автомобили пријавени за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

Во првиот случај, во рачна ташна на патник во возилото, бугарски државјанин, се пронајдени 13.500 евра. Непријавените девизи се привремено задржани, а против прекршителот е поведена соодветна постапка.

Во вториот случај, во рачна ташна на патничка во автомобил – бугарска државјанка, се пронајдени 19.400 евра.

Во двата случаи, согласно законските прописи на патниците им се вратени по 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека во првиот случај привремено се задржани 3.500 евра а во вториот случај привремено се задржани 9.400 евра. Против прекршителите се поднесени барања за поведување прекршочни постапки за сторените прекршоци.

– 5.000 евра откриени при контрола на унгарски автомобил, управуван од унгарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Патникот пријавил дека со себе носи 10.000 евра, но при контрола на багажникот на возилото, во патна торба, во јакна на патникот се пронајдени уште 5.000 евра, кои се привремено задржани.Против патникот ќе биде поведена соодветна постапка за сторениот прекршок.

Акцизна стока

– 57 штеки цигари Rodeo и West со македонски акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Делчево – Довани – Италија, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Цигарите се пронајдени во внатрешноста на резервната гума сместена под подот во предниот дел на автобусот. Непријавените цигари се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 46,5 литри домашна ракија и 12,5 килограми режан тутун, откриени од страна на царинските службеници од царинарница Куманово, при контрола на продажба на акцизна стока во малопродажни објекти на територијата на Крива Паланка. Во еден случај, при контрола на малопродажен објект, во надворешниот дел од објектот каде била сместена разновидна стока за малопродажба, била пронајдена домашната ракија и тутунот без акцизни маркички и без сертификат за квалитет, со чија продажба се доведува во опасност здравјето на граѓаните и е избегната наплата на акцизни и други давачки. Против прекршителот Царинската управа ќе поведе соодветна постапка.

– 16 штеки цигари YORK и 57 со македонски акцизни маркички, откриени при личен претрес на бугарски државјанин кој како патник во бугарски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Цигарите се пронајдени во чорапите, во внатрешните џебови од јакната и под појасот на панталоните на патникот, против кој е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 20 штеки цигари RODEO со македонски акцизни маркички, откриени при преглед на патна торба на македонски државјанин, патник во автобус со дански регистарски таблички пријавен за излез од државата, на граничниот премин Табановце.

Техничка стока и алат

– 84 технички производи (засилувачи, слушалки и мемориски катички), откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.

Во првиот случај, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул, се пронајдени 25 засилувачи AMLIFIER JABRA LINK 850 и 24 слушалки JABRA BIZ 1900 DUO QD.

Во вториот случај, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувла со лет од Гетеборг, се пронајдени 35 мемориски картички CRUCIAL BALLISTIX SPORT 4GB, CORSAIR 4GB, HYNIX 4GB, SAMSUNG 4 GB и ELPIDA 4GB.
Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против патниците се поведени прекршочни постапки.

– 35 разни производи (електричен мотор, инструмент за сечење лим, црева за воздух, заштитни маски и филтри за воздух за заштитни маски), откриени при контрола на грчки автомобил, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на патник во возилото – грчки државјанин, се пронајдени во двете предни седишта и во две патни торби сместени во багажникот на возилото. Стоката е привремено задржана а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Лекови и религиозни предмети

– 10.000 таблети AMINALON и 1.002 разни предмети од дрво со религиозен карактер (икони, приврзоци, бројаници и гердани), откриени при контрола на македонски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Лековите и религиозните предмети се пронајдени во 1 торба и 1 куфер сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека и модни додатоци

– 36 парчиња женска и машка облека (фустани, блузи и џемпери), откриени при контрола на бугарски автомобил управуван од бугарски државјанин, пријвен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Облеката е пронајдена во картонска кутија сместена во багажниот простор на возилото. Непријавената стока е привремено задржана, против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 61 женски модни додатоци (чанти, паричници и ремени), откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Модните додатоци се пронајдени во багажникот на возилото и истите се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 89 жилети со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Хонг-Конг наменета за фирма увозник од Битола. Жилетите се привремено задржани поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските одредби ќе биде започната постапка за утврдување на нивната оригиналност.