Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „кражба на дрва“, полициската станица од Дебар поднесе кривична пријава против албанските државјани Л.Л.(23) и Х.Х.(19) двајцата од селото Требиште. Против нив полициската станица од Дебар поднесе и прекршочна пријава поради илегален премин на државната граница.
На 28 минатиот месец, пријавените биле затекнати на македонска територија во бесправна сеча на дабови, јаболкови и црешови дрва во шумски терен кај местото „Црвеница“ оддалечено на околу еден километар од границата.
Во 10 часот и 30 минути, полициските службеници ги затекнале двајцата пријавени по кратко време откако ја започнале неовластената сеча. Тие констатирале дека, пријавените со коњи нелегално ја преминале македонско-албанската државна граница, пресекле околу две метра просторни стебла кои веднаш потоа требало да ги товарат на коњите за транспорт преку нелегален премин. На местото на настанот повикана е увидна екипа од полициската станица во Дебар како и претставници од дебарската подружница на ЈП „Македонски шуми“. Веднаш известен е надлежниот Јавен обвинител а потоа извршен е увид и изготвен записник за направена штета.
Со пресуда од Основен суд-Дебар, на двајцата албански државјани одземени им се предметите и опремата и изречена им е мерка протерување во времетраење од две години.