Од 5-ти до 8-ми ноември во изложбениот простор „Карусел“ во рамки на престижниот музеј „Лувр“ во Париз во Париз, се одржа Меѓународниот саем за културно наследство, на кој Република Македонија за првпат се претстави на овој значаен саем, што ги обединува професионалците од областа на заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство од целиот свет.
На македонскиот штанд, кој беше организиран од Управата за заштита на културното наследство, беа претставени голем број публикации, видеа и други видови промотивни материјали за богатата македонска култура, како и новите десет публикации за културното наследство на Република Македонија кои неодамна беа промовирани пред македонската јавност.
Кај посетителите, меѓу кои и еминентни архитекти, историчари на уметноста, занаетчии и археолози, постоеше голем интерес за нашето културно наследство, а особено за црквите од византискиот период, за ранохристијанските мозаици и за античките градови.
Бројката од минатогодишното и ова издание на саемот – 350 излагачи од целиот свет и над 25.000 експерти од областа на заштитата на културното наследство, историчари на уметноста, археолози, занаетчии и архитекти јасно го потврдува значењето на оваа светска саемска манифестација.
Во рамките на работната посета на Република Франција, Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, го посети македонскиот штанд при што беше изразено уверување дека Република Македонија и наредната година ќе се претстави на овој еминентен саем посветен на културното наследство на земјите од сите континенти, како одлична прилика за афирмација на нашето културно наследство и наше достојно претставување во светски рамки од музејот „Лувр“ во Париз.
Годинава пред посетителите во музејот „Лувр“ се презентираа културните добра на многу земји, меѓу кои и на: Кина, Јапонија, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Белгија, а со свои штандови беа присутни и многу реномирани организации, како ИКОМОС и УНЕСКО.