Со авионско фрлање 500.000 мамки, Агенцијата за храна и ветеринарство, денеска ја почна осмата кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило. Кампањата стартуваше од спортскиот аеродром Стенковец, а ќе трае наредните неколку дена. Целта е прекинување на пренесувањето на вирусот од едно на друго животно и негово елиминирање од носителите, т.н. резервоари на болеста.
Вакциналните мамки имаат кафена боја, а се направени од рибино брашно. Во нив се наоѓа капсула во која е сместена течната вакцина против беснило. Според планот, ќе се исфрла по 21 мамка на километар квадратен. Граѓаните не смеат да ги допираат мамките, а доколку дојде до тоа и особено до контакт со течната содржина од капсулата, треба да се побара лекарска помош.
„Апелираме граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба. Доколку, сепак, се случи мамката да се допре со раце, задолжително треба да се побара лекарска помош“, изјави директорот на Агенцијата Зоран Поповски.
До најблиското ветеринарно друштво или ветеринарните инспектори, додаде тој, треба да се пријави секое невообичаено однесување на домашните миленици или евентуално на диви животни. Во случај на напад, односно гризнување од улично, домашно или диво животно, граѓаните веднаш да се обратат до својот матичен лекар.
„По завршувањето на оралната вакцинација на лисиците, Агенцијата ќе спроведе контрола на нејзината успешност. Поради тоа, рече Поповски, се повикуваат ловните друштва да извршат застрел на договорениот број лисици за лабораториско испитување“, информира директорот Поповски.
Мониторингот на претходните седум акции против беснило на лисиците, покажа висок процент на успешност. Годишно од оваа болест умираат преку 50.000 луѓе. Во Македонија, од 2011 година кога стартуваше акцијата за сузбивање на беснилото, беа потврдени девет случаи, осум кај диви животни (четири лисици и четири волци) и еден случај кај домашна мачка.
„Потврда за успешноста на досега реализираните кампањи за орална вакцинација на лисиците против беснило, Македонија и Агенцијата ја доби лани во октомври, кога Европската комисија ја стави нашата земја на листата на територии и трети земји кои ги исполнуваат европските услови за контрола на беснилото. Очекувам дека и со наредните три кампањи кои во 2016 и 2017 година ќе се реализираат во рамки на Проектот за набавка и дистрибуција на вакцини против беснило финансиран од ИПА, ќе се потврдат досегашните позитивни резултати од оралната вакцинација на лисиците“, истакна тој.
Со Проектот за набавка и дистрибуција на вакцини против беснило, во рамки на ИПА програмата 2012, обезбедени се 968.000 евра. Покрај оваа вакцинална кампања, предвидени се уште три дополнителни кои ќе се реализираат и идната година (во пролет и есен), како и пролетна вакцинална кампања во 2017 година.
„Болестите не познаваат граници. И точно е дека заразите како беснило можеме да ги третираме само преку координирани акции помеѓу членките на Европската унија и нивните соседи. Вредноста на проектот изнесува 980,000€ и ќе се имплементира во наредните 2 години. Овој проект е продолжување на кампањите за орално вакцинирање – кои се имплеменитраат два пати годишно уште од пролетта 2011 година. Оралното третирање на лисици против беснило е повеќегодишна програма и Европската Унија ќе продолжи да ги поддржува овие кампањи и во следните години“ – истакна претставникот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, г-н Мауро Ди Вероли.
Постои долга историја на беснило низ Европа, додаде тој и потенцира дека покрај значителниот напредок постигнат за искоренување на оваа болест, таа останува ендемична кај животните во многу Европски земји.
„Терестријалното беснило е присутно во цели или делови од земјите кои не се членки на Европската Унија во Западно-Балканската област. Со цел да се зачува постигнатиот напредок во остатокот од Европа, Европската Унија ги финансира активностите во овој регион кои се однесуваат на третирање на овие болести“ – додаде тој.
Европската Унија, потенцира Вероли, е најголемиот финансиски поддржувач за зацврстување на контролата на болестите на животните во Западен Балкан. Приближно околу 100 милиони евра се потрошени за оваа цел од Унијата во земјите кориснички.
„Искоренувањето на беснилото е можно само доколку државите добро ги организираат своите ветеринарни служби и преку блиска координација со останатите засегнати страни, како што се лабораториите, докторите, ловците, сопствениците на миленици и други. Покрај тоа, политичката поддршка за контрола на болеста е исклучително важна. Европската Унија одблиску ги поддржува напорите на Агенцијата за храна и ветеринарство во обезбедување на техничка асистенција и вакцини за орална вакцинација на лисиците против беснило “– рече Вароли.
Тој упати честитки до Агенцијата за храна и ветеринарство бидејќи како што рече, во последниве години таа прерасна во модерна институција која може успешно да одговори на предизвиците од процесот на интеграција во Европската Унија, за работите кои се однесуваат на безбедноста на храната, храната за животни и здравствената заштита на животните.
„Сигурен сум дека ефективната имплементација на оваа повеќегодишна програма за искоренување на беснилото ќе доведе до елиминирање на беснилото во вашата држава, во овој регион и во Европа“ – заклучи тој.
Вакцинацијата на лисици е регионална иницијатива за искоренување на беснилото во Источна Европа, која се спроведува заедно со временската усогласеност на имплементацијата во сите земји од Западен Балкан.
Оралната вакцинација се врши со авионска дистрибуција на вакцинални мамки на целата територија на земјава, со исклучок на градовите и густо населените места, водените површини и високите планински врвови.