Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, во која стои:
„Безидејната клика на СДСМ, која заборавила како изгледа да победуваш на избори и да се справуваш со обврските и должностите на државните органи, продолжува со празни, па навидум и смешни соопштенија. Затворени во нивната реалност, заборавиле дека за да се добие довербата од народот, треба да се сработи и да се докаже квалитетот и капацитетот.
53 милиони евра долгови на Охрид, блокирани сметки на јавните претпријатија и училиштата, стотици и стотици извршни решенија за наплата на долг и огромни камати за враќање оставени од нивниот градоначалник и нивното раководство зборуваат за нивната замисла за власт и владеење.
Денеска истото раководство кое го урниса Охрид и без срам повторно ќе бара доверба од граѓаните, го критикува градењето на една од најзначајните градби во Охрид и околината – затворениот градски базен.
Господа од СДСМ, припремете се да критикувате за градењето на новиот затворен градски пазар, новата модерна автобуска станица, инфраструктурата која е веќе во изградба, странските фабрики во индустриската зона и новите вработувања и се останато што оваа локална самоуправа и ВМРО ДПМНЕ градат и ќе градат во Охрид и околината. Познавајќи го вашиот капацитет за издржана критика , а и нашиот за остварување на ветувањата, подобро е да се спремате веднаш!
Веќе не постојат изговори! Возот тргна и нема запирање. Никакви кризи и интервенции не може да ве спасат од конечната одлука. На 24 Април ве чека клучниот суд – оној на народот, а тој е силен и суров. Народот не трпи манипулации и лаги, не вреднува сплетки и кризи – туку работа и конкретни резултати. Ве очекува најголемиот пораз во поновата македонска историја. Затоа што и Охрид и Македонија се со ВМРО ДПМНЕ и ќе останат со нас.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.