Советничката група на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое се вели:
„На седницата на Советот на општина Дебрца, одржана на ден 13.11.2015 година, советничката група на СДСМ побара Информација за пешачката патека (а не плажа, како што пренесоа некои медиуми, кое нешто е сосема друг проект) на крајбрежјето на Охридското Езеро, во КО-Оровник, општина Дебрца, чија изградба е во тек.
Поаѓајќи од фактот дека Охридското езеро е со закон заштитен споменик на природата, прогласено и за светско природно наследство, ставено под заштита на УНЕСКО и дека преземањето на градежни и слични работи во езерото и на крајбрежјето подлежи на строги законски норми беше побаран одговор на неколку прашања, како: дали во постапката за изработка и одобрување на планско-техничката документација за оваа градба се почитувани законските прописи, а особено Законот за заштита на Охридското езеро и Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион; дали е добиено мислење од Управата за заштита на животната средина при Министерството за животна средина; мислење од Комисијата за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион и мислење од националната Комисија на Унеско; дали е консултирана стручната јавност и невладините организации од областа на заштита на животна средина.
Во усната информација од страна на градоначалникот на општината беше посочено дека во целост е запазена законската постапка, добиени се потребните мислења од надлежните институции и дека градбата ќе се изведува исклучиво од природни материјали.
Сакаме да веруваме дека е така, меѓутоа од увидот на градилиштето направен на ден 13.11.2015 година (што е видно и од фотографиите во прилог) очигледно е дека на објектот се изведени градежни работи со изведба на железни арматури, шаловање и подготовка за изведување на бетонски работи.
Секоj градежeн зафат во непосредна близина на брегот негативно се одразува на езерото во целина и е во спротивност и со Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и со Законот за заштита на Охридското Езеро, односно ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите на заштита на езерото, според кои заради заштита на езерото се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерото , се забранува преземање на активности со кои се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас (изградба на бетонски и камени ѕидови и слично).
Исто така, во непосредна близина на овој објект, во езерото се протега поголем појас на трска , место каде што се гнездат лебедите и мрести крапот. Со нејзиното уништување ќе имаме далекусежни негативни последици и нарушување на езерскиот еко систем.
Поради тоа, бараме објавување на мислењата од надлежните институции и нивно ставање на увид пред стручната и засегнатата јавност и граѓаните.
Воедно, ја повикуваме стручната јавност да го каже своето мислење за овој проект, бидејќи доколку се продолжи да се игнорираат препораките на стручната јавност и особено на УНЕСКО постои вистинска можност Охридското Езеро да се смести на листата на загрозени подрачја на светско и културно наследство, што е еден чекор до бришење од списокот со подрачја заштитени од оваа организација.
Изговорите од типот дека ваквите проекти ќе го поттикнат развојот на туризмот и економијата не држат место, ако како последица на тоа езерото и околината се деградирани, бетонизирани и “урбанизирани”. Oдржливиот развој и ефикасното користење на ресурсите се иднината на нашата планета.
Да го оставиме нашиот бисер да привлече туристи како што најдобро знае – со својата природна убавина која ја нема на ниедно друго место во светот.“ – стои во соопштението од Советничката група од СДСМ Дебрца.