Светскиот шампион, каратистот Недев на прием кај претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими каратистот Дејан Недев, по повод освојувањето на златниот медал на Обединетиот Светски карате шампионат, што од 14 до 18 октомври се одржа во Копер, Република Словенија.

На средбата претседателот Иванов упати честитки за постигнатиот успех, истакнувајќи дека освојувањето на златниот медал од каратистот Недев е исклучително позитивен пример за сите млади спортисти како достојно да ја претставуваат Република Македонија на спортските натпреварувања.

Каратистот Недев го запозна претседателот Иванов со неговите тековни ангажмани и идни планови во кариерата и изрази надеж дека во блиска иднина каратето ќе стекне квалификација на олимписки спорт.

На Обединетиот Светски карате Шампионат во традиционално, генерално и контактно карате учествуваа вкупно 1.300 каратисти од 68 земји. Дејан Недев во својата кариера има освоено над 200 медали, а меѓу позначајните се европската титула во Ерусалим во 2011 година и светската вицешампионска титула од Канада 2006 година.

nedev1