Сочувство од претседателот Иванов по повод терористичките напади во Париз

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Париз, упати сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

Почитуван господине Претседател,

Со шок, неверување и чувство на огорченост ги примив потресните вести за терористичките напади во Париз и длабоко жалам за изгубените животи од варварскиот чин. Ова е напад не само против граѓаните на Париз, туку и против врвните европски и општочовечки вредности и принципи.

Господине Претседателе, додека Франција минува низ овие тешки моменти, врвен приоритет за целата меѓународна заедница треба да биде соработката и солидарноста во борбата против злото, а во одбарана на споделените демократски и цивилизациски вредности. Овој злосторнички чин нема да не поколеба во одлучната борба против тероризмот. Нема да дозволиме терористите да го посеат семето на стравот, екстремизмот и хаосот во Европа. Македонските граѓани, како и секогаш во историјата, ќе застанат зад слободољубивите граѓани на Франција во борбата против непријателите на мирот, слободата и правдата.

Во овие тажни мигови за Вас и граѓаните на Француската Република, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да упатам длабоко сочувство. Нашите мисли и молитви се со Вас и семејствата на настраданите и повредените.

oland_cr