Селекторот Ангеловски ги повика Барди, Зајков, Алексовски и Ангелов од У21

Селекторот на најдобрата репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски повика четворица играчи од младата репрезентација, за настап на пријателскиот натпревар со Либан.

Откако го следеше квалификацискиот натпревар Македонија-Франција 2-2, Ангеловски се реши да ги повика да му се приклучат на А тимот и Енис Барди, Ѓоко Зајков, Игор Алексовски и Виктор Ангелов, а поради повреда отпаѓаат Марјан Радески и Дарко Велковски.

„Најпрвин би сакал да им честитам на репрезентативците до 21 година за одличниот настап и резултат против Франција. Рековме дека наша цел ќе биде да повикаме играчи од У21 кои ќе конкурираат да играат за А репрезентацијата против Либан. Во конкуренција за настап сигурно ќе беа и Дарко Велковски и Марјан Радески, но поради повреда не се во можност да помогнат, исто како и Давид Бабунски кој исто така поради повреда не беше во конкуренција за настап ниту за младата репрезентација. Јас се надевам дека против Либан ќе го имаме истиот пристап како против Црна Гора, најважно е да играме тимски, со многу енергија и одговорност, со надеж дека на крајот ќе извлечеме уште еден позитивен резултат“, – изјави селекторот на А репрезентацијата, Игор Ангеловски.

Македонската репрезентација после убедливата победа над Црна Гора на пријателскиот натпревар одигран во четвртокот, во вторник има уште еден контролен натпревар кога на Националната Арена „Филип Втори“ со почеток од 13:00 часот игра против Либан.