Премиерот Никола Груевски оцени дека мерката за самовработување е еден од најпопуларните проекти и се однесува за вработување на лица кои сакаат да почнат бизнис. Досега околу седум и пол илјади граѓани ја имаат искористено оваа мерка и се имаат самовработено преку оваа мерка, истакна премиерот Никола Груевски.
„За следната година се предвидува нови 1.000 вработувања преку поддршка на 920 бизниси, со 3.000 евра, а во некои случаи и со 4 илјади евра, како кај поранешните стечајци со кои тие започнуваат бизнис и се самовработуваат. Тоа се обично мали бизниси, но сосема доволни за нив да си обезбедат потребни работи за да се самовработат, дури и понекогаш да вработат уште по еден човек“, рече Груевски.
Многумина, како што рече, ги имаат искористено овие поволности.
Тој појасни дека 7.500 лица кои се самовработени биле луѓе кои немаат работа, седеле дома полни со фрустрации и со исчекување и неизвесност за нивната иднина, а денес се веќе вработени со сопствен бизнис со приходи секој месеци со планови како да го развијат бизнисот понатаму.
„Се покажа дека оваа програма даде добри резултати. Илјада за една година е како една голема фабрика или како две фабрики од среден обем или три или четири од помал обем. Во денешно време не е лесно за една година да се најдат илјада вработуања за некого и овој проект дава навистина добри резултати. Проектот ќе го продолжиме и предвидени за оваа намена 207 милиони денари од буџетот за новите илјада работни места односно финансирање на 920 бизниси“, рече премиерот и додаде дека ќе бидат доделени преку два отворени огласи од кој првиот се очекува да биде распишан веднаш на почетокот на идната година.
Кога станува збор за Велес премиерот Груевски потсети дека досега се обезбедени доста средства од програмата за рурален развој или поточно околу шест и пол милиони евра во последните неколку години. Со тие средства се исфинансирани значајни проекти за Велес, рече Груевски и додаде дека и градоначалникот со средствата од буџетот реализира проекти кои ги има ветено кои се забрзаа со оваа додатна помош.