Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на промоција на 14 нови наслови на универзитетски книги преведени и објавени на албански јазик. Новите наслови кои се промовираа во просториите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците се од областа на туризмот и бизнис логистика , визуелните уметности, природно-математичките науки, транспорт и телекомуникации, и механички и електротехнички науки. Во оваа пригода Адеми рече дека важноста и улогата на книгата отсекогаш биле скапоцени и незаменливи. Внатрешноста на секоја книга во себе ги чува најголемите богатства кои ги создава и ги поседува една личност.
„Книгата нема возраст. Таа се става во служба на секоја индивидуа, без разлика на возраста, професијата или обемот на знаење. Книгата е водич за секој поединец во утврдувањето на интелектуалните способности кон поздрава, посигурна и понадежна иднина. Колку што човекот повеќе знае,толку повеќе му е пријател книгата. Писателот, историчар и француски филозоф Волтер, во времето кога живеел и дејствувал, напишал: „Во животот имав само еден вистински и искрен пријател – книгата”. На сите ни е познато дека образованието е клуч за одржлив развој на секое општество. Едно такво посакувано образование може да изградиме ако создаваме книги, учебници, едноставно кажано – квалитетната литература“, рече Адеми.
Адеми потсети дека во 2009 година, Владата на Република Македонија започна со реализирање на проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“. Досега се преведени вкупно 919 наслови, рече Адеми, но овој проект кој е од особено значење за нашите студенти, сега е во завршна фаза и се очекува на почетокот на следната година да се промовираат 81 останат наслов за превод и објавување.
„Промовирањето на квалитетот во високото образование не престанува со завршувањето на овој проект. Продолжувањето на овој проект веќе е обезбедено, не во оваа форма, но со иста цел. Во промените на Законот за високото образование оваа година, за потребите на институциите на високото образование во нашата земја, секоја година, се предвидува да бидат преведени и објавени 50 нови наслови на универзитетски книги, кои се користат на 10-те најдобри универзитети рангирани според Шангајската листа, со кои ќе им се овозможи на студентите во Република Македонија континуирано да се во тек со сите настани, достигнувања, резултати, истражувања, информации, најдобрите практики, методи, техники, форми и слично, во областите на кои студираат“, рече Адеми .
Министерот потенцираше дека таквата иницијатива значително ќе влијае на напорите на студентите да ја изградат својата личност за да ги исполнат барањата кои произлегуваат од пазарот на трудот, но исто така и да се соочат со предизвиците на глобализацијата и технолошко-техничкиот развој.