Денес е празник посветен на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни бестелесни.
Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето во ангелите гледаа богови, други иако не ги сметаа за богови ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Св. Дионисиј Ареопагит, ученик на Св. апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е архистратигот Михаил. Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе ги повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и возвикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твојеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13 – 15). Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да нѐ помилува Бог и да нѐ спаси по молитвите на Св. архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили. Амин.