Повеќе рибарски мрежи во вкупна должина од околу 2000 метри, сто парчиња риба Охридска белвица, едно кајче и повеќе примероци на риболовен алат, прибор и друга опрема, се пронајдени и одземени при патроли на полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Акциските контроли на езерската полиција се реализираа пред два дена во соработка со инспектори од Државниот инспекторат за земјоделие по целата должина на северо-западната езерска гранична линија но и во останатиот дел од територијалните води на езерскиот басен. Акциите беа координирани со полициски службеници од полициската станица за граничен надзор Франгово, поставени на брегот.
Притоа, на околу еден километар од брегот во близина на населбата Калишта, во нелегален риболов затекнат е еден жител од Калишта, кој забележувајќи ја патролата се обидел да побегне. Од неговиот чамец одземен е улов од риба- белвица и пастрмка како и друга рибарска опрема.
Во водите на Охридското Езеро, во истиот регион, езерската патрола пронајде висечки рибарски мрежи кои се најстрого забранети за користење и риболов.
За пронајдените риби и рибарска опрема, запознат е Јавниот обвинител и изготвен е записник. Со потврда, целокупната количина риба и другите предмети се одземени.