Претседателот Иванов побара од Тимерманс неодложна помош за справување со бегалската и мигрантската криза

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со г. Франс Тимерманс, прв потпретседател на Европската комисија.

Во фокусот на разговорите со потпретседателот Тимерманс беа предизвиците со кои се соочува земјата поради мигрантската и бегалската криза, како и актуелната безбедносна состојба на европскиот контитент.

Претседателот Иванов информираше дека од почетокот на кризата земјата се потпира на сопствени ресурси, додека помошта од Европската унија изостанува. Во таа насока побара неодложна техничка и финансиска помош за земјата.

Македонија ги сноси последиците од „нефункционален механизам на Унијата” и неспроведување на регистрација во земја членка на Унијата. Репубика Македонија ги почитува сите меѓународни обврски во третманот на мигрантите, обрнувајќи сериозно внимание на хуманитарниот аспект и покрај преоптоварените капацитети”, посочи претседателот Иванов на средбата.

Клучно е враќањето на контролата врз надворешните граници на ЕУ. Потребна е заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот, рече претседателот Иванов на средбата со потпретседателот на ЕК, г. Тимерманс.

‎Потпретседателот на ЕК, Тимерманс истакна дека има разбирање за предизвиците со кои се соочува земјата во справување со бегалската и мигрантската криза и потенцираше дека ќе се заложи за што е можно побрзо обезбедување на помошта и поддршката од ЕУ. Двајцата соговорници се согласија дека сега е време за акција.

Претседателот Иванов порача дека е крајно време Република Македонија да ги продолжи интегративните процеси.

Во однос на последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, претседателот Иванов истакна дека очекува сите општествени и политички фактори во земјата максимално да се посветат на надминување на забелешките од извештајот и изрази очекување дека по изборите Република Македонија конечно ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. „Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес”, рече претседателот Иванов на средбата.

TIMERMANS_2