Родовата рамноправност едно од фундаменталните начела на демократијата

Денес во Домот на АРМ се одржа панел дискусија по повод 15 годишнината од Резолуцијата 1325 на Советот на безбедност на Обединетите нации за жените, мирот и безбедноста. Панелот го отвори државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, при што истакна дека улогата на жените во сите сфери на општеството е значајно и важно.

„Сведоци сме на повеќедецениска заложба на жените за родова рамноправност персонифицирана низ сите облици на општествено живеење вклучително и безбедносниот сектор. Нивната активна улога во креирањето на безбедносно одбранбената политика е многу важен аспект. Како резултат на политиките и практиките за родова рамноправност денес бројот на жени се зголемува во сите сфери на општеството, вклучително и во безбедносните институции и структури. Жените како и мажите рамноправно се застапени во сите видови на вооружените сили, мировни сили, процесот на обука, лидерско командните позиции.“– рече Чуповска Ристова.

Резолуцијата 1325 фундаментално го смени начинот на кој што меѓународната заедница размислува за мирот и безбедноста, нагласи шведскиот амбасадор во Република Македонија, Матс Стефансон. Оваа резолуција се однесува на клучната улога која жените потребно е да ја имаат во справувањето со конфликти и одржување на мирот. Тој додаде дека во изминативе 15 години е многу направено во поглед на имплементацијата на политиките, во едукација, обука, но и дека има уште многу да се работи на ова поле.

Советникот за родова рамноправност на врховниот командант на Здружената команда на Европа (SACEUR) и здружената команда за (ACO), г-ѓа Шарлот Исаксон во оваа прилика истакна дека имплементацијата на оваа резолуција пред се зависи од лидерите на земјите, при што ја пофали Македонија за досегашниот постигнат успех.

DSC_7575_resize DSC_7583_resize DSC_7590_resize