Во рамки на одбележување на Неделата на грижа за стари лица, од 23-29 Ноември Црвен крст Охрид организира повеќе активности насочени, пред се, кон подигнување на свеста кај населението во заедницата за правата на старите лица како и потребната грижа и помош која секој може и треба да ја пружа на старите лица.
Во текот на Неделата на грижа за стари лица, волонтерите на Црвен крст Охрид ќе ги посетат стари и изнемоштени лица во нивните домови, споделувајќи убав збор, топла прегратка и соодветна помош, а тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе вршат и мерење на крвен притисок и шеќер во крвта. Во соработка со Клиничкиот центар во Скопје, Здружението Мозочен удар од Охрид и претставништвото на Фармацевтската куќа Баер во Македонија, тим на стручни лица (кардиолог, невролог) ќе вршат бесплатни прегледи во домовите на старите лица во поодалечените рурални средини, како и на јавни места во Охрид, каде младите на Црвен крст Охрид ќе делат едукативни материјали за грижа и нега на стари лица.
Во текот на Неделата на грижа за стари лица Црвен крст Охрид ќе организира едукативни предавања за пензионерите од Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца, на теми корисни за правилно одржување на психофизичката и здравствена состојба. Како главен настан предвидено е да биде организирана пригодна свеченост на која во дружење и забава на младите со старите лица, ќе бидат прогласени најстариот жител и брачниот пар со најмногу години поминати во брак во општините Охрид и Дебрца, пријавени на конкурсот објавен од Црвен крст Охрид.