Работна средба на министерката Ташевска-Ременски со народниот правобранител Мемети

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски оствари работна средба со народниот правобранител г. Иџет Мемети при што се разговараше за повеќе актуелни прашања коишто ја засегаат работата на министерството и правобранителството.

Едно од заедничките прашања и најактуелно во моментов е состојбата со бегалската криза и констатираните состојби од страна на народниот правобранител при неговата неодамнешна посета на бегалскиот камп во Гевгелија.

Исто така, Ташевска-Ременски и Мемети разговараа и за претставките коишто граѓаните ги упатуваат до народниот правобранител барајќи помош, а се во врска со укинувањето на социјалната парична помош, како и за претставките од работен однос и идните активности поврзани со овие претставки.  

Заеднички беше констатирано дека треба да се работи и во насока на подобрување на комуникацијата на народниот правобранител со центрите за социјална работа, а во врска со  остварувањето на правата од социјалната заштита на граѓаните.