Доделени 35 конзерваторски лиценци

Нови 35 лиценци за конзервација на движно и недвижно културно наследство им беа врачени денеска на стручни лица кои со тоа стекнаа право за непосредна заштита на предмети и објекти. Со нив, вкупниот број на лиценцирани козерватори достигна 47.

Лиценците им ги врачи министерката Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека во изминатите години меѓу приоритетите на Владата и на Министерството за култура е ревитализација на културното наследство, истражување на голем број археолошки локалитети на кои беа пронајдени многубројни артефакти од различни епохи кои беа соодветно заштитени и презентирани пред јавноста.

Таа додаде дека за таа цел се доекипира и стручниот кадар во националните институции кои се занимаваат со оваа дејност и дека од 2006 до 2015 година се вработени повеќе од сто археолози, архитекти и конзерватори.

„Од денеска 35 експерти ќе можат непречено да ги конзервираат и реставрираат врвните дострели на нашето ѕидно сликарство, вредните икони и другите сликарски дела, мозаиците, архитектонското и археолошкото наследство на Македонија кое е материјална вистина за развојот на цивилизацијата на нашата територија. Доделувањето на конзерваторските лиценци е една од најголемите инвестиции во соодветната заштита и промоција на македонското културно наследство бидејќи само со стручен приод кон културно-историските вредности што ги поседуваме, ние можеме да им обезбедиме долговечност на овие вредни културни добра и да ги зачуваме за идните генерации како доказ за нашето потекло, за нашето историско траење“ – рече Канческа-Милевска.

Стручните лица кои добија лиценци учествувале во голем број капитални проекти за конзервација и реставрација на профани објекти, на живописот на сакрални објекти, меѓу кои црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија во Охрид, Св. Ѓорѓи во Курбиново, Шарената џамија во Тетово…

„Овие експерти го вложија својот ангажман и во реализацијата на над 400 елаборати за валоризација и повеќе од 300 проекти за ревалоризација на културното наследство, во археолошките истражувања на 25 локалитети, на кои голем број археолози првпат добија можност да работат на терен“ – посочи министерката за култура.

Конзерваторските лиценци се добиваат по исполнети критеруми, а кандидатите ги избира комисија.

„Со ова се намалува вакуумот на недостиг на стручен кадар. Се надевам дека лицата кои ги стекнаа лиценците ќе можат да го заштитат културното наследство и ќе помогнат да се зачува сѐ што е вредно во нашата држава “– рече Владо Муковски, еден од 35-те конзерватори кои денеска добија лиценци.

06A_diplomi_konzervacija