Спектакуларен концерт на „Дримкол“ од Вевчани во МНТ Скопје

Синоќа во македонскиот народен тетар во Скопје, КУД „Дримкол“ од Вевчани уште еднаш ја потврди својата професионалност, достоинство, квалитет и целосно го оправда епитетот Верен чувар на Македонската и Вевчанската култура и традиција.

На големата сцена на МНТ, синоќа настапија 95 уметници на Дримкол, членови на фолклорниот ансамбал, патувачкиот театар, пејачката група и големиот народен оркестар.

На програмата беа застапени фолклорни сценски обработки од Вевчани, Охрид, Битола и од Егејските делови на Македонија.

Синоќешниот концерт на Дримкол понуди еден различен пристап кон презентацијата на фолклорот во Македонија, сосема различен концепт во конструкцијата на програмата, а сето тоа, сепак во рамките на изворната традиција и култура. Дримкол синоќа беше поинаков, впрочем како и секогаш, оригинален, свој на своето со силна емоција и Вевчански дух насочен кон гледачот.

11

Вевчанци синоќа пееја, играа, но, и беа гневни на сидромот самоуништување и испратија силна порака за зачувување на човечките вредности, за љубов и почит меѓу луѓето.

„Особено ми е драго за синоќешното наше гостување во МНТ, навистина е радост кога гледаш дека на луѓето многу им се допаѓа тоа што го работиме, а уште подраго ми е кога ќе успееме да ја задоволиме нашата публика – Вевчанската и Македонската. Дримкол има секогаш сериозен однос кон својата држава и надвор од границите, барем тоа сме го докажале многу пати, но, подеднакво и внатре, па, токму од тука во нашата годишна програма предвидуваме концерти низ републиката. Фолклорот е идентитет, историја, култура, затоа сметам дека голема е одговорноста на секој кој се занимава со фолклор, несмееме да дозволиме да се подигруваме со нашите национални, традиционални духовни вредности“- изјави Тошо Чочороски, претседател на ,,Дримкол“.

Во преполнетото гледалиште на МНТ, синоќа меѓу многубројната публика можеа да се забележат еминентни професори, стручњаци, уметници од национални и образовни институции од областа на културата и Министерството за култура, а своето воодушевување од Вевчанци не го криеја и амбасадорите на Б и Х, Србија, Црна Гора.

6