Претставници од Македонија, Норвешка, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Словенија, Косово и Црна Гора, како и од НАТО и Регионалниот центар за мировни операции (PSOTC) од Сараево, БиХ и Центарот за безбедносна соработка (RACVIAC) од Загреб, Хрватска учествуваат на Регионална конференција за односи со јавноста која се одржува во Скопје.
Учесниците на дводневната конференција разговараат за унапредување на соработката во областа на односите со јавноста, со посебен акцент на регионалните потреби за обука и едукација во рамките на Регионалниот центар за односи со јавност во Скопје.
„Уверен сум дека Регионалната конференција за односи со јавност ќе обезбеди цврста платформа за промовирање на регионалната соработка во областа на односите со јавноста, но исто така ќе обезбеди и дополнителна вредност, преку зајакнато регионално вклучување на уникатниот капацитет на Регионалниот центар за односи со јавноста“, истакна македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски, кој денеска ја отвори конференцијата.
Денес, како што посочи, се соочуваме со потребата за прецизно и навремено споделување на информации, поради што соработката од областа на односите со јавноста е од исклучително значење за севкупната регионална одбранбена и безбедносна соработка.
„Регионалниот центар за односи со јавност во Скопје и понатаму останува единствен партнерски центар за обука и образование специјализиран за односи со јавност и од таа причина претставува важна придобивка за регионот и за НАТО“, рече Јолевски.
На отворањето на конференцијата се обрати и одбранбеното аташе на Кралството Норвешка, командир Торе Андерсон, кој ја истакна значајноста на присуството на претставниците од регионот велејќи дека тие се клучни за развојот на регионалната соработка.
Андерсон рече дека Регионалниот центар за односи со јавноста (РЦОЈ) е од исклучително значење за Кралството Норвешка имајќи ја во предвид норвешката политика за развој на регионалната соработка. Центарот, како што додаде, е изграден на цврсти темели и е на пат на самоодржливост преку натамошна и зајакната регионална инволвираност и посветеност.
Регионалниот центар за односи со јавност е единствениот НАТО Партнерски центар за тренинг и едукација во Македонија, кој истовремено е и единствениот НАТО Партнерски центар специјализиран исклучиво за обука од областа односи со јавност.
Регионалната конференција за односи со јавноста е организирана Министерството за одбрана на република македонија во соработка со Кралството Норвешка.