Премиерот Груевски во работна посета на Државата Израел

Претседателот на Владата на Република Македонијa, Никола Груевски, денес престојува во посета на Државата Израел.

Во владината делегација која ја предводи македонскиот премиер, се и министерот за надворешни работи, г-дин Никола Попоски, и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г-дин Џери Наумоф.

Во рамките на посетата, премиерот Никола Груевски ќе оствари средба со премиерот на Државата Израел, г-дин Бенјамин Нетанјаху.

Претседателот на Владата Никола Груевски и владината делегација, во Ерусалим, ќе присуствуваат и ќе се обратат и на бизнис форум на кој ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија.

Со цел воспоставување на соработка на полето на јавното здравство, премиерот Груевски ќе оствари посета на реномираниот медицински центар Хадаса.