Груевски: Намалувањето на невработеноста е мотив да продолжиме со ова темпо

Намалувањето на невработеноста дава сила и мотив да продолжиме со ова темпо на работа и со овој начин на водење на економијата, создавање добра бизнис клима и привлекување инвеститори кои отвораат нови работни места, напиша премиерот Никола Груевски на својот фејсбук профил во врска со објавените статистички податоци за намалување на стапката на невработеност во третиот квартал од оваа година.

„Денес сум среќен многу, навистина многу среќен. Мојот сон се остварува. Стапката на невработеност падна на историски ниски 25,5 отсто. Од околу 38 отсто во 2006-та на денешни 25,5 отсто заклучно со септември оваа година. За само еден квартал се намали за 1,3 отсто. Истовремено расте бројот на вработените во земјата, од околу 560 илјади вработени во Македонија кога дојдовме во Владата, денес имаме регистрирани 711 илјади новоотворени работни места, што е за скоро 150 илјади повеќе. Тоа се 150 илјади ново отворени работни места. Луѓе кои седеле дома во безнадеж, апатија, и нервоза, со чувство за бесперспективност и немање верба во никого, денес имаат свое вработување, свое работно место, своја плата, осигурување, иднина, перспектива, надеж, елан. Ова дава сила, дава мотив да продолжиме со ова темпо на работа и со овој начин на водење на економијата, создавање на добра бизнис клима и привлекување инвеститори кои отвораат нови работни места. Честитки за сите во економскиот тим на владата. Ова е и наш заеднички успех, ова е успех на Македонија“, наведува Груевски на фејсбук профилот.

Државниот завод за статистика денеска објави дека стапката на невработеност во Македонија во третиот квартал од годинава изнесува 25,5 отсто, што е намалување од 1,3 проценти во однос на второто тримесечие кога беше 26,8.

Според податоците на оваа институција, бројот на вработени е зголемен за 20.415 лица во однос на истиот период во 2014 година кога имало 690.965 вработени.

Од вкупно 954.610 лица кои се вбројуваат во активно население, бројот на вработени во третиот квартал годинава изнесува 711.380 лица, а на невработените 243.230.