Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес се обрати на Деветнаесеттиот, програмски Конгрес на СДСМ.
„Благодарам на вас и на сите граѓани што ни дававте и ни давате голема поддршка и сила, поради што цврсто и одлучно:
Јас, денеска застанувам пред вас и ве повикувам во финалната битка за враќање на слободата, демократијата, правдата и економската перспектива за сите граѓани на нашата Македонија!
Битка за победа на Македонија!
Република Македонија ќе биде земја на еднакви граѓани!
Ќе биде земја на економски стабилни семејства!
Ќе биде земја на безгрижни млади луѓе кои ја гледаат својата иднина дома!
Ќе биде земја на спокојни родители кои ја гледаат среќата на своите деца околу себе!
Ќе биде земја на слободни граѓани!
Ве повикувам сите, следете ме!
Како и досега посветено ќе работам кон остварување на нашиот заеднички сон.
Овој сон станува реалност почитувани пријатели.
Ова е веќе незапирлив процес!
Треба, мора и ќе се случат промени во Македонија!
Време е за промени! Крајно време е за слобода и демократија!
Крајно време е за единство и еднаквост! Крајно време е да им ја вратиме украдената држава на граѓаните!
Почитувани граѓани,
На денешниот Програмски конгрес пред нас е света цел, денеска ќе го зацртаме патот на поинаква, напредна Македонија, земја на еднакви граѓани.
Со неколку реченици само сакам да стане кристално јасно.
Во финалето сме, финале што ги испраќа Никола Груевски и расипничката власт ВО ИСТОРИЈАТА.
Тоа веќе се случува.
Да, го одолговлекуваат преговарачкиот процес. Пуста кожа мила им е, а извалкана до коска. Што да прават?! Им требаат нови криминални избори.
Но, кражба на уште едни избори НЕМА ДА ИМА!
Договор поради договор НЕ Е ОПЦИЈА!
Неопходен е беспрекорен предизборен и изборен процес.
Нема бегање од Договорот од Пржино!
Специјалното обвинителство е формирано, преодна влада е формирана, за неколку дена Никола Груевски заминува.
Но, да биде јасно и да нема дилеми, гласно укажувам:
СДСМ заедно со коалициските партнери се подготвува за чист изборен процес на којшто ќе биде изразена слободната волја на граѓаните.
Работиме на создавање услови за фер избори, однесувајки се трпеливо и грижливо кон својата земја.
Но СДСМ исто така цело време е подготвена и за заштита на интересите на граѓаните и на државата.
Покажавме колку сме сериозни, и кога не ги признавме криминалните избори, и кога побаравме преодна влада и нови избори, и кога издржавме надвор од парламентот и кога го отворивме процесот Вистината за Македонија, и кога излеговме над 100.000 граѓани на протестот на 17 мај, и кога го поставивме Кампот на слободата пред Владата, и кога беше потпишан договорот од 2 јуни / 15 јули. Покажавме и докажавме сериозност.
И сега и во иднина, никој да нема дилема, ќе ги преземеме сите потребни чекори ако некој застане на патот на интересите на граѓаните и на Република Македонија.
Еден од најзначајните интереси на граѓаните на Македонија се кристално чисти избори.
До овде ја дотуркавме работата со многу трпение и мудрост, со многу храброст и решителност, но и со многу сериозност и посветеност. Сведоци ни се Вистината за Македонија и Граѓаните за Македонија . Цело време `не водеше љубовта кон татковината и нејзината добра иднина по којашто сите мечтаеме. Во име на таа љубов кон Македонија јавно прашувам:
Зарем некој сеуште се надева дека ќе дозволиме преку купување време да дојдат изборите, а да нема навремено регулирани медиуми, преку купување време да дојде датумот за избори, а да нема навремено оформено нов состав на ДИК, зарем некој сеуште се надева дека токму сега на крајот ќе дозволиме преку купување време да дојде 24 април, а да не е навремено завршено прочистувањето на избирачкиот список?
Зарем некој сеуште го лаже паметот, дека сето тоа за кое се боревме ќе дозволиме да падне во вода?
На 17 мај не тргнавме кон Владата, затоа што дадовме шанса на кристално чист изборен процес!
Никој повеќе, никогаш повеќе, нема да ја изигра волјата на граѓаните, на штета на државата!
Избори ќе има оти ние ги баравме, причините ние ги докажавме и за предвремени избори ние се изборивме!
Но избори ќе има само и единствено кога ќе бидат исполнети сите предуслови за кристално чисти избори!
На такви избори заедно со граѓаните ќе победиме!
Знаеме сите, слободната воља на граѓаните значи крај за Груевски и криминални структури во врвот на власта и почеток, нов почеток за граѓаните на Република Македонија.
Груевски, неговата братучедско – кумашинска фамилија, Мијалков, Ставрески, нивните соработници во врвот на власта, сонуваат за нов почеток, но не за граѓаните туку за себе, за нови парцели на Водно, мерцедеси, богатства…
Сето тоа, на сметка:
-На над 180.000 луѓе кои живеат со по 40 денари на ден
-На сметка на над 500.000 луѓе кои живеат под прагот на сиромаштијата
-На сметка на секоја трета блокирана фирма и на најмалку 10.000 затворени фирми додека штанцаат пари фирмите на фамилијата
Ѕирнете во фижидерите и ќе знаете како живеете вие и вашите деца.
Доволно е да се погледне низ прозорецот и маглата што не гуши секој ден ќе ве потсети на 1.350 мртви секоја година. Над 4.500 болни од рак секоја година.
Влезете во болниците и ќе се сетите дека во тие руини, во Македонија, во 21-от век, болни кои крварат сами одат да купат завој, умира нечија надеж, нашата надеж, најболното – новороденчиња, се пука во лекари…
Завртете се во училниците на вашите деца и ќе видите дека тавани им се ронат над главите.
Посетете ги студентите и ќе видите како спијат помеѓу ѕидови со влага што го нагризуваат нивното тело и здравје.
Погледнете ја татковината наша, испразнети села и градови.
Повеќе од 600.000 граѓани и тоа главно млади луѓе заминале од Македонија.
Еве затоа Специјалното обвинителство има толку многу работа.
Нема веќе Јанкулоска на Зврлевски, па: “Види, вака-така, отфрли ја пријавата“.
Можат да продолжат да сонуваат за својот нов почеток, но дојден е нивниот крај.
Оваа власт одзеде 10 години живот на граѓаните на Македонија.
Оваа криминална власт, за ова што го стори, ќе одговара!
Ќе одговара и од тоа бегање нема !
Почитувани делегати и почитувани граѓани,
Социјалдемократскиот сојуз е најголемата опозициска организирана политичка сила во државата.
Наша историска должност е да ја преземеме и овој пат обврската, да истраеме во битката и да ги заокружиме процесите за нормализација што ги почнавме.
Повикувам, секој кој и мисли добро на државата, да верува и да се фокусира кон оваа цел!
Ова е Програма на којашто посветено работеше Социјалдемократскиот сојуз, програмскиот тим на партијата, комисиите на партијата, заедно со внатрешни членови, но внимателно слушавме мислења, сугестии, предлози од надворешни соработници, граѓани, стручната јавност, невладиниот сектор и од интелектуалците.
Нашата клучна цел е Македонија да биде земја со бројна и економски стабилна средна класа, не општество на мала група многу богати и мнозинство сиромашни граѓани!
Стабилната средна класа ќе биде гарант и носител на демократска и слободна Република Македонија.
Сега, во средна класа живеат многу мал процент на домаќинства.
За време на оваа власт, Македонија стана држава со најголема социјална раслоеност во Европа.
Со политиките на Груевски и кумот Ставрески, доходот се слева кон мала група луѓе во власта што се богати, а осиромашуваат сите останати.
Ставаме крај на овој начин на владеење и почнуваме обнова на Македонија!
Парите ќе ги вратиме на граѓаните!
Ќе ги вратиме среќата и достоинството на сите граѓани на нашата Македонија!
Општетството го поставуваме на 5 столбови. Со нив, ќе ги застанеме луѓето на нозе, ќе ја обезбедиме нивната егзистенција, ќе ја стабилизираме економијата. Таму каде што има економска сигурност, таму има борба за демократија и слобода.
-Се обврзуваме на одговорна власт. Ќе обезбедиме да функционираат сите механизми со цел контрола врз власта.
-Граѓаните ќе знаат за што се трошат нивните пари, тие директно ќе учествуваат во одлуките.
-Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручноста и работното искуство.
-Административните службеници нема да бидат бркани од работа. Каде што има превработеност ќе има реорганизација по претходно направени анализи. Ќе ја зголемиме ефективноста и ефикасноста на јавната администрација. Ќе го искористиме тој потенцијалн на наши граѓани за успешна Македонија.
-Ќе воведеме флексибилно работно време и институции отворени за граѓаните до 20 часот.
-Ќе покренеме иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет.
-Ќе обезбедиме законска основа со јасни критериуми за избор и напредување на судиите.
-Ќе ги намалиме судските такси што ја прават правдата недостапна за граѓаните.
-Ќе овозможиме вистинска бесплатна правна помош за ранливите категории граѓани.
-Две години по преземањето на власта, ќе содадеме правен основ јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата.
-Нема повеќе МВРО. МВР, полицијата ќе бидат “сервис на граѓаните“. Видовте како почнавме да работиме.
-Ќе го вратиме полицаецот – позорникар, нашиот пријател во маалото.
-Ќе го подобриме стандардот и квалитетот на животот на припадниците на МВР на тој начин што ќе се распоредуваат на работа во местото на живеење.
-Ќе ја укинеме Радиодифузната такса.
-Ке ја вратиме ефтината тарифа на струја.
-Ќе создадеме услови за работа на слободни и професионални медиуми, наместо партиски мегафон, во што ги претвори оваа власт најголем дел од медиумите.
-Ќе воведеме праведен даночен систем. Ќе го укинеме рамниот данок на ВМРО-ДПМНЕ со којшто сите граѓани плаќаат данок на доход по иста даночна стапка без разлика колкави се нивните плати, пензии и останати приходи.
-Во првите 100 дена од мандатот ќе отвориме јавна расправа за можноста за воведување Програма за еднаков старт во животот.
-Нашата цел во делот на социјалната политика е да ја намалиме стапката на сиромаштија во Македонија.
-Ќе воведеме програми за извлекување од сиромаштија.
-Ќе го реформираме социјалниот систем. Граѓаните почнаа да чувствуваат што е грижа.
-Ќе обезбедиме заштита на секое дете, преку професионализација на улогата на згрижувачките семејства.
-Ќе воведеме еднакви родителски права по разводот.
-Еднородителските семејства ќе добиваат помош од државата.
-Ќе обезбедиме покрив за бездомните лица.
-Ќе ги гониме сите насилници во семејствата, а ќе ги заштитиме жртвите. Само оваа година 4 жени беа убиени дома.
-Ќе се посветиме на развој на домашните мали и средни претпријатија и ќе ја зголемиме драстично државната помош за нив од 200 илјади евра, на 20 – 50 милиони евра.
-Ќе го поддржуваме приватниот сектор преку програми за сопствен бизнис. Ќе креираме деловни старт-ап центри во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе ново-основани компании.
-Ќе создадеме можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро.
-Ќе работиме на привлекување и на домашни, но и на реални странски инвестиции. Во првите 100 дена ќе подготвиме детална анализа од вложувањата и придобивките од процесот на привлекување странски компании.
-Во делот на инфраструктурата нашата намера е на секој граѓанин, без разлика дали живее во град или во село, да му се овозможи да има свој пристапен пат, водовод и канализација, елементарни услови за 21 век.
-Предвидуваме вложување во 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта,1000 километри локални патишта.
-Планираме модернизација и проширување на железничка инфраструктура во Република Македонија, брза пруга Табановце – Гевгелија.
-Предвидуваме приградски патнички сообраќај што ќе се состои од 4 краци во и околу Скопје.
-Ќе воведеме механизам за поголема сигурност кај граѓаните за квалитетот на градбите.
-Заради погрешната енергетска политика, денес Република Македонија е голем зависник од увоз на сите видови енергија, поради што граѓаните плаќаат скапа струја. Имаме конкретни планови за развој и работа на енергетските капацитети во земјава со што ќе намалат трошоците за енергија во Македонија.
-Македонското сонце да биде извор на енергија за секое домаќинство.
-Природениот гас да биде достапен во цела Македонија. Со изградба на магистрални гасоводи до сите урбани средини и со изградба на дистрибутивни мрежи ќе овозможиме користење на природениот гас, како евтин и еколошки енергенс за секого во земјава.
-Исклучените потрошувачи од системот за парно греење нема да бидат должни да плаќаат надоместоци за топлинска енергија.
-Планираме вистински земјоделски развој и достоиствен живот за земјоделците.Ревизија на државно земјоделско земјиште и негова правилна распределба. Повисоки и навремени субвенции. Ослободување на земјоделците од персоналниот данок. Еднаков третман при пензионирање за земјоделците. Зелена нафта како гориво за земјоделството. Земјоделскиот производ ќе има пласман по достоинствени цени.
-Ќе обезбедиме европска иднина на граѓаните и квалитетен живот. Тоа значи изградба на клучните сфери во општеството, образованието, здравството, животната средина, културата, по европски терк.
-Уште на почетокот на мандатот ќе направиме јавна расправа за промена на концептот на образование, по примерот на една земја од Европската унија.
-Ќе го укинеме екстерното тестирање.
-Ќе ги намалиме наставните содржини во основното и во средното образование.
-Ќе ја вратиме автономијата на универзитетот и достоинството на професорите.
-Ќе воведеме практична настава во средните училишта и на факултетите.
-Ќе се фокусираме на младите. Планираме проект “Гаранција за млади“, поддршка за вработување, студентска платежна картичка.
-Ќе ги задржиме лекарите во Македонија. Зголемување на платите на здравствените работници.Ќе ги вратиме јавните стоматолошки амбуланти во училиштата. Обединување на Клиничкиот центар со функционално поврзани клиники.
-Изградба на нова и современа еколошка инфраструктура. Мониторинг системи за квалитет на воздух, вода и почва. Ќе обезбедиме поволни кредити за замена на еколошките застарени технолошки линии и инсталација на ефикасни системи за намалување на загадувачките емисии. Ќе спроведеме вистинска, ефикасна контрола и спречување на загадувањето.
-Слободна и европска култура.
-Отстранување на промовирањето на кичот од страна на државата.
-Темелно преиспитување на проектот “Скопје 2014“.
-Ќе обезбедиме нова конкуренција на мобилните оператори, за да ги намалиме цените на услугите и граѓаните да имаат поквалитетни услуги.
-Ќе овозможиме интернет во секое место.
-Ќе посветиме внимание на мерките и активностите за забрзан локален економски развој и за рамномерен регионален развој на целата територија на земјата. Волјата на граѓанинот ќе биде пред се. Ќе се намали цензусот за референдумско изјаснување на граѓаните за прашања од локално значење. Граѓаните ќе добиваат квалитетни услуги на едно место.
-Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните 2 процента од населението на 20 проценти на населението.
-Внесуваме нова енергија во евроатлантските интеграции. Членството во НАТО и ЕУ се наши стратегиски определби. Знаеме дека е погрешно да се мисли дека членството во НАТО и ЕУ сами по себе ќе ја подобрат нашата иднина. Но, без интеграција во ЕУ и НАТО, државата нема иднина, посебно кога сите останати држави од регионот напредуваат во тој правец.
Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, СДСМ активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата.
Идната влада што ќе ја предводи СДСМ реално ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија остануваме на определбата за референдумско изјаснување на граѓаните.
-Ќе ги унапредиме комуникациите со припадниците на дијаспората, како што тоа веќе активно го правиме.
Нашата цел е почеток на преговори за членство во ЕУ најдоцна до 2017 година.
-Ќе обезбедиме достоинствено функционирање на војниците. Ќе обезбедиме буџет за потребите на одбранбениот сектор и финансирање на одбраната согласно НАТО стандардите. Ќе обезбедиме ефикасен систем за управување со персоналот во МО и АРМ.
-Ќе градиме едно општетство, граѓанска држава на сите што живеат во Македонија: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници. Планираме воведување елементи на мултикултурно образование, мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот. Планираме заштита на јазиците на другите заедници, афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците. Во Македонија, сите ќе имаат еднакви права.
-Ќе спроведеме Попис на населението, според меѓународни критериуми и стандарди.
Почитувани делегати и почитувани граѓани,
Предлозите во Програмата ќе ви бидат подетално претставени, јас само навестив кон што се движиме.
Денеска е убав ден. Денес е значаен ден.
Бидете горди сите вие кои сте присутни на Програмскиот конгрес на СДСМ.
Бидете горди и вие кои присуствувавте на јавните дебати, триесетина одржани низ цела Македонија.
Бидете горди вие кои дојдовте да го оставите своето мислење на штандовите низ Републиката.
Бидете горди вие граѓани, работници и пензионери, студенти, ученици, родители, професори, лекари и пациенти, службенци, вработени и невработени, приматели на социјална помош, ти селанецу и ти граѓанину, експерти, скромни луѓе, за нас само едно – ДОСТОЈНИ ЛУЃЕ, кои покажавте дека си ја сакате државата.
Бидете горди што ни пристапивте, вие кои работевте со нас на програмските решенија и вие кои ни пишувавте анонимно, но и со име и со презиме, исто како што сме ние горди што имавме чест да споделуваме со вас мислења за важни прашања за нашиот заеднички живот и за државата.
`Се забележавме. `Се разгледавме.
Вашите мислења, сугестии, идеи, предлози се овде, во оваа Програма.
Оваа Програма ја давам на разгледување, дополнување, одобрување од највисокото тело на Социјалдемократскиот сојуз, Конгресот. Вие го имате последниот збор.
Назад нема! Јасно гледа народот, цени, суди, 10 години криминална власт, Доста е!
Со оваа Програма, на следните избори, победуваат Социјалдемократскиот сојуз заедно со здружената опозиција и граѓаните на Република Македонија!
За Единство, За Еднаквост, За Европска Македонија!
Да живее Македонија!“– рече Заев.