Обраќање на претседателот Иванов на настанот на доделување признанија за македонски квалитет за 2015 година

Обраќање на претседателот Иванов на настанот на доделување признанија за македонски квалитет за 2015 година

„Чест ми е да бидам со вас како покровител на вечерашниов настан на кој се вреднуваат најдобрите и најуспешните македонски компании.

Како Претседател на Република Македонија имам богата меѓународна активност и често патувам на официјални и работни посети во странство. Кога можам, со себе носам членови на економскиот тим на Владата, но и успешни бизнисмени од Македонија. Заедно создаваме нови партнерства за македонските компании и отвораме нови пазари за македонските производи. Но, успехот на овој заеднички потфат секогаш зависи од квалитетот на производот или услугата. Односно, успехот зависи од македонскиот квалитет.

Економијата е најважниот двигател на развитокот на македонското општество и токму вие, најуспешните македонски компании, сте најдоброто од Македонија.

Низ годините успеавте да изградите брендови со кои сите ние се гордееме. Производи по кои Македонија стана препознатлива и на поширокиот пазар.

kvalitet1Вечерва, сакаме да ви се оддолжиме со Признанието за македонски квалитет. Ова признание има за цел да придонесе за развој на производството во Република Македонија и за подобрување на квалитетот на македонските производи. Има за цел унапредување на технологиите и услугите. Поттикнување на креативноста, истражувањето и иновациите.

Затоа, би сакал да ја поздравам оваа иницијатива на Сојузот на Стопански комори. Преку овој настан им се дава поттик и мотив на нашите компании за понатамошен прогрес и успех.

Особено сум горд што меѓу наградените има и компании кои се активни со својата општествена одговорност и кои дел од својот профит го вложуваат за потребите на заедницата. Тоа е една доблест што верувам дека е и дел од македонскиот квалитет кој вечерва го промовираме.

Без постојан раст и развој на домашните компании, не можеме да очекуваме економски напредок на Република Македонија.

Затоа, наша заедничка цел е бројот на успешни македонски компании да расте. Компаниите кои се денес наградени, но и сите други и натаму да се развиваат и да го подобруваат квалитетот на своите производи, а паралелно со нивниот раст да расте и нашата економија.

Дозволете ми, во пресрет на новата 2016 година, на сите да ви посакам многу здравје, среќа и успех. Нека 2016 биде успешна на деловен план, нека донесе просперитет на македонските компании и препознатливост на македонскиот квалитет.“- рече Иванов.

kvalitet2