Средба на министерот Јолевски и генералот Величковски со поранешните министри и генерали

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, заедно со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски денеска остварија работен ручек со поранешните министри за одбрана и генерали во Армијата на Република Македонија.

Во изјава за медиумите, министерот Јолевски наведе дека на денешната средба заедно со началникот ќе информираат за реализација на досегашните и идните планови во поглед на модернизацијата на Армијата, за подобрување на стандардот, квалитетот и обуките за припадниците на АРМ. Министерот Јолевски додаде дека на состанокот ќе се разговара и за подготовката за Самитот на НАТО во Варшава кој ќе се одржи во јули наредната година.

На новинарски прашања за актуелната состојба со мигрантите и ангажирањето на резервниот состав на Армијата, министерот Јолевски посочи дека сегашната ситуација не побарува дополнително ангажирање на резервниот состав и дека Армијата е подготвена да се соочи со сегашните предизвици. Во однос на прашањето на мигрантите, тој одговори дека опремата за биометриска регистрација е пристигната и дека ќе биде предадена на Миниистерството за внатрешни работи, во чија надлежност е регистрацијата на мигрантите.

Првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, изјави дека потребно е следната година да бидеме поканети во НАТО алијансата, со што ќе се реализира еден од најзначајните столбови на нашата политика за национална безбедност.

„Ние досега вниманието го насочувавме кон мисиите за зачувување на меѓународниот мир, сега е дојдено време да разговараме и за опремување и оспособување, кондиционирање на нашата Армија за да може да се справува и со одредени домашни предизвици“, истакна првиот министер, Гоцевски.

Овој работен ручек се одржува традиционално секоја година во Домот на АРМ. Целта е да се разговара за реформските процеси во 2015 година како и плановите за 2016 година.