Македонскиот агро-бнизнис има голем потенцијал. За негово искористување е неопходно постојано вложување во модернизација, иновации и знаење, но потребни се и добри стратегии за настап на странски пазари.
Ова е пораката од денешниот Агро-бизнис форум што четврта година по ред го организира ПроКредит банка. Учествуваа преку 200 претприемачи и земјоделци, а присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, како и директорот на Мисијата на УСАИД Џејмс Стајн.
Пристапот до капитал, до финансиски средства по поволни услови, беше една од клучните теми на Форумот.
Како што беше речено, поддршката од националните и ИПАРД програмите е по принципот на претфинансирање и за да можат да ја користат оваа поддршка, земјоделците треба да обезбедат средства за целосната инвестиција. Но, најчесто не располагаат со сопствени средства и се приморани да ги користат услугите на комерцијалните банки за обезбедување кредити за реализација на нивната инвестиција.
„Земјоделското производство е бизнис како и секој друг. За да се почне, да се шири или модернизира, потребен е капитал“, истакна министерот Цветков во обраќањето и додаде дека поддршката во инвестициите во примарното земјоделство, но и во преработката се основните приоритети на владините политики.
Според него, направените анализи во Министерството укажаа на потребата од обезбедување соодветно и поволно покривање на хипотеката за добивање банкарски кредит со оглед дека во руралните средини најголем проблем е да се обезбеди банкарската гаранција.
„Од таа причина, во соработка со УСАИД, воспоставивме Гарантен фонд во висина од 20 милиони долари кој во нардните 10 години ќе се реализира преку неколку комерцијални банки“, подвлече Цветков.
Гарантниот фонд функционира на принципот 50-50. Преку него се обезбедува гаранција за 50 отсто од главницата на кредитот. Земјоделецот треба да ги обезбеди преостанатите 50 проценти од бараната хипотека кон банката.
„За овие и сите други детали поврзани со поволно обезбедување финансиски средства, земјоделците ќе можат да слушнат на претстојните инфо денови што ги организираме со Платежната агенција и Секторот за ИПАРД“, рече министерот и повика на што помасовно присуство на земјоделците и сите заинтересирани за користење поволни странски и средства од државата.
Според директорот на Мисијата на УСАИД Стајн, гарантниот механизам ќе го забрза развојот на земјоделството во Македонија и ќе донесе поголем просперитет за македонските агро-бизнисмени.
„Земјоделството е еден од клучните сектори на македонската економија, со голем потенцијал. Гледаме можност да им помогнеме на македонските земјоделци да станат бизнисмени и деловни жени. Затоа треба да имаат пристап до финансии,“ рече Стајн и потенцира дека кога земјоделците ќе бидат во можност да инвестираат во нови технологии, нивните приноси и приходи ќе се зголемат.
ПроКредит е првата банка која почна да пласира кредити. Половина од хипотеката ќе се покрива преку Гарантниот фонд.
Интерес за користење на Гарантниот фонд пројавија уште две банки: Комерцијална и Стопанска банка – Битола. Се очекува и овие банки од февруари 2016 година да одобруваат кредити со делумно покритие на хипотеката на сите заинтересирани носители на инвестиции во примарното земјоделство и преработувачката индустрија.