Белгиски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

Во следните два три месеци се очекува неколку белгиски компании заинтересирани за инвестиции да ја посетат Македонија. Се очекува нивните посети да резултираат со нови инвестиции и отворање нови работни места…

Можностите за инвестирање во Македонија, претставени на бизнис форум во Антверпен, Белгија. Делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, пред 100-тина белгиски водечки компании ги претстави условите за водење бизнис во земјава.

Компаниите искажале голем интерес за инвестирање, а се очекува во следниот период неколку од нив и да остварат посета со цел да се уверат во условите кои Македонија им ги нуди на странските компании. Ниското даночно оптоварување, добрите административни услови, квалитетната работна сила, и добрата логистика и инфраструктура се причините поради кои белгиските компании покажале интерес за инвестирање.

„Посетата на Фламанскиот дел од Белгија, односно Антверпен, помина успешно, имавме околу 100 компании. Многу сум задоволен што компаниите искажаа задоволство од условите што ги слушнаа за водење бизнис. Се работи за еден богат регион, еден од регионите со најуспешни компании во Белгија. Од тој аспект, има интерес за условите што ги нуди Македонија, како ниското даночно оптоварување, добрите административни услови, ослободувањето од даноците во делот на зоните, квалитетната работна сила, и добрата логистика и инфраструктура што ја нуди нашата земја, како и можностите кои ги даваме како земја во која континуирано се спроведуваат реформи за подобрување на бизнис климата“, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Според вицепремиерот Ставрески, присуството на „Ван Хул“ како една значајна фирма од Белгија во Република Македонија, помага во привлекувањето инвестиции од овој регион, бидејќи компаниите гледаат дека има успешна инвестиција во Република Македонија која ќе привлече нови инвестиции.

„Очекувам во следните два- три месеци да имаме неколку посети врз база на тоа што го разговаравме со бизнисмените и нивниот интерес и дел од тие посети да резултираат со нови инвестиции и отворање на нови работни места“, потенцира Ставрески.

Според сопственикот на „Ван Хул“, владиниот пристап кон бизнисот и брзото решавање на проблемите се клучните фактори поради кои се поголем број странски компании се одлучуваат да инвестираат во Македонија. Добрата бизнис клима секако е основната причина, а доказ за тоа се континуираните инвестиции и отворањето на нови погони на веќе постоечките инвеститори.

„Ни се допаѓа владиниот пристап кон бизнисот. Имаме директен пристап со надлежните и кога постои проблем тој веднаш се решава. Секако бизнис климата е многу позитивна. Работиме под полн капацитет. Пред два дена стартувавме со нова инвестициска програма, па планираме и понатаму да вложуваме во Македонија. Во меѓувреме, убедивме и други белгиски инвеститори да дојдат во Македонија, а некои од нив веќе одлучија да инвестираат. Добро е тоа што имаме ист менталитет. Мене посебно ми се доаѓа тоа што има квалификувани работници, како нивната флексибилност“, вели Филип Ван Хул, сопственик на компанијата „Ван Хул“.

Белгија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на Македонија. Трговската размена со оваа европска земја од година во година континуирано расте. За првите 10 месеци од оваа година, трговската размена со Белгија изнесува 155,9 милиони долари, од кои 101 милиони отпаѓаат на извозот од Македонија. Минатата година трговската размена пораснала за 9,6%, додека извозот од Македонија во Белгија за 3,4%.