Дванаесет граѓански организации добија грантови преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија. Средствата во износ од еден милион и 500 илјади евра ќе бидат искористени за реализација на проекти за зајакнување на граѓанскиот сектор.
На денешното врачување на договорите за грант, амбасадорот на ЕУ Аиво Орав истакна дека вклученоста на граѓанското општество во клучните политички, социјални и економски реформи е од суштинско значење.
„Среќни сме да видиме уште повеќе иницијативи од граѓанското општество за нивната практична вклученост во реформите поврзани со ЕУ и за повеќеструктурна соработка со владините институции“, рече Орав, најавувајќи дека Европската унија и во иднина ќе продолжи да дава поддршка на граѓанските организации во Македонија.
Министерката за информатичко општество и администарција Марта Арсовска – Томовска посочи дека во последните неколку години Владата презема голем број реформи со цел да го подобри доброто владеење и да го забрза економскиот развој.
„Владата верува дека отвореноста и граѓанското вклучување играат значајна улога во поттикнување на отчетноста, промовирањето на иновативноста и развојот и подобрување на преформансите на Владата“, нагласи министерката Арсовска – Томовска.
Во таа насока, министерката ги спомена Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор 2007-2015, повиците за финансиска поддршка на здруженија и фондации, Законот за волонтерство, Законот за здруженија и фондации….
Проектите кои добија финансиска поддршка од ЕУ ќе се реализираат во следните 13 до 18 месеци.