Моден перформанс во Археолошкиот музеј

Во Археолошкиот музеј во Скопје синоќа се одржа модна ревија насловена „Современата мода инспирирана од модните трендови на 50-тите, 60-тите и 70-тите години на XX век“ на која, меѓу многубројните гости, присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, првата дама г-ѓа Маја Иванова и други еминентни гости од политичкиот и од културниот живот. Настанот, кој беше во организација на Археолошкиот музеј и на Музејот од Куманово, претставува продолжение на минатогодишниот проект насловен „Модните трендови и културата на живеење од ала франга до современата мода“, кој беше резултат на теренски истражувања во градот Куманово за градската култура, градската носија и градското живеење.

Продолжението на проектот ја обработува темата на модата и модните трендови со моделите од 50-тите, 60-тите и 70-тите години на XX век во Куманово па се до денес, до современите креации на дизајнерите Александар Рашковиќ и Филип Митевски, кои своите модни хоризонти ги насочуваат и ги адаптираат кон новите правци во светот на модата.