Десетици граѓани денеска дојдоа да се информираат за новиот проект на Владата “Купи куќа за млади“ во канцеларијата која е отворена во рамки на Министерството за финансии.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески вели дека има голем интерес кај младите под 35-годишна возраст за проектот поради што е и отворена канцеларијата.
„Како што ветивме од денеска во Министерството за финансии е отворена посебна канцеларија за граѓаните во која вработените во Министерството за финансии на заинтересираните лица ќе им ги објаснуваат условите на проектот „Купи куќа за млади“, со оглед на тоа дека секој случај е различен. Некаде недостасуваат пари за учеството некаде недостасуваат пари за отплаќање на ратата, некаде има комплицирана ситуација во семејството од аспект на наследство или прашања дали може да се надградува или доградува куќа. За сите такви прашања и сите други прашања што граѓаните ги имаат околу постапката за полесно да користат средства од проектот „Купи куќа за млади“, Министерството за финансии на едно место ќе им ги дава тие информации. Секој ден граѓаните можат да дојдат во зградата на Министерството за финансии и да ја добијат таа информација“, вели Ставрески.
Во следниот период, како што најави вицепремиерот, Министерството за финансии заедно со други државни инситуции ќе организираат каравани низ Република Македонија.
„Значи, ќе ги посетуваме градовите во Република Македонија и таму за младите лица до 35 години ќе ги даваме сите информации кои се потребни за да можат сите луѓе во Република Македонија да се информираат навреме и доколку се одлучат да ја искористат оваа одлична можност за нив,“ најави Ставрески.
Тој при тоа рече дека ќе разговараат со градоначалниците односно со општините за да се обезбедат повеќе локации за изградба на куќи.
„Ќе им помагаме на граѓаните во сите сегменти од проектот, од општините, банките, субвенциите што треба да ги добијат граѓаните, како и во решавање одредени имотно правни прашања доколку е потребно се со цел поголем број млади луѓе да ја искористат оваа можност“, вели тој.
Младите лица кои денеска дојдоа да се информираат за проектот „Купи куќа за млади“, но и постарите кои тука дојдоа да се информираат во име на нивните деца, велат дека ова е одлична можност да се стекнат со сопствен дом.
„Имам 26 години, пред три години купив плац, но немав доволно средства за изградба на куќа. Проектот е одлична можност за конечно да го остварам својот сон и во иднина да се оженам и да имам деца во сопствен дом“, вели Милорад од Тетово.
Дваесет и седумгодишниот Јане вели дека размислува да купи државен плац од општина Илинден и таму да си изгради куќа. – Според некои пресметки за ваков плац ќе ми требаат од две до три илјади евра, па откако ќе ја добијам дозволата за градба ќе аплицирам за проектот. Ова е многу добар проект и треба секој млад човек да го искористи. Единаесет години субвенции се навистина многу голема помош и јас сум и многу благодарен на Владата, вели тој.