На Табановце спречен шверц на 4,5 кг марихуана

Царинските службеници од Одделението за оперативни работи (мобилен тим) вчера, 22.12.2015 година, спречија обид за шверц на околу 4,5 кг марихуана.

При детална контрола, извршена со помош на царинско куче, на Ауди А6 караван со албански регистарски ознаки, управувано од албански државјанин кој патувал заедно со својата сопруга и двете малолетни деца, во специјално направен бункер во долниот дел од автомобилот, зад задниот браник се пронајдени 3 пакувања наполнети со зелена тревкаста материја, за која по извршената проверка со тестер за дрога NIK е утврдено дека станува збор за марихуана со тежина од околу 4,5 килограми.

Целокупниот предмет е предаден на Одделението за истраги за понатамошна постапка.

Од спроведените предистражни мерки утврдено е дека дрогата била натоварена во Албанија – област Лушнје и истата била наменета за западно-европскиот пазар. Пријавениот ја транспортирал марихуаната за одреден паричен надомест кој требало да му биде исплатен откако ќе ја предаде на лице во Германија.

Вредноста на оваа количина на нарко – пазарот на големо би достигнала до 27.000 евра.
Царинската управа ќе поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство, а осомниченото лице ќе биде изведено пред судија на претходна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомничениот сторил кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

1-V(1)

23.12.2015 – На табановце спречен шверц на 4,5 кг марихуана