Во свечената сала на Македонскиот народен театар блеснаа статуетките кај најдобрите спортисти за 2015 година.
Свеченоста започна со македонската химна во изведба на славејчињата, а продолжи со најдобрите во училишниот спорт.
Во основните училишта приматот најдобри го преземаа ОУ „Петар поп Арсов“, додека пак најдобри средношколци се Гевгеличани.
Од високо образовните институции наградата најдобри ја понесе Универзитетот од Штип.
Филип Талевски беше прогласен за најдобар млад спортист, додека во женска конкуренција победник е Вероника Костовска европски кадетски шампион од Цирих.
Приматот најдобар селектор повторно припадна кај Жарко Ристовски – одбојка, додека пак за најдобра национална спортска федерација беше прогласена ракометната.
Со посебни емоции беше поздравена наградата за најдобар спортист со инвалидитет, која оваа година припадна на светскиот вицешампион во пливање за лица со нарушен слух, Андреј Стојановски.
Емотивна беше најавата на нашата спортска легенда Андон Дончевски кон најдобриот спортист во странство, неприкосновениот Кире Лазаров. Тој во својот говор не го криеше задовоството за освојувањето на европската шампионска титула со Барселона како круна на неговата кариера, но настапот за Македонската репрезентација го опиша како негово најголемо задоволство.
За најдобар национален тим беше прогласен ракометниот тим со освојувањето на 9-то место на светското во Катар, додека пак женскиот ката-тим беше прогласен за најдобар пред се поради историското второ место на светското во Џакарта.
За најдобра спортистка за 2015 година беше прогласена Стефани Тодорова, бронзена од светското првенство во кик бокс.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески ја додели наградата за најдобар спортист за 2015 година. Во голема конкуренција по мислењето на три релевантни институции од областа на спортот за најдобар беше прогласен пливачкиот маратонец, шампионот во генералниот пласман на ФИНА гранд при серијата, победникот на Охридскиот маратон Евгениј поп Ацев.