Претседателот Иванов го посети бизнис акцелераторот „ЊуМенс“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го посети бизнис акцелератор ЊуМенс.

Македонскиот претседател се запозна со активностите и начинот на функционирање на овој прв бизнис акцелератор во Република Македонија, којшто преку образовни наставни програми и разменување и унапредување на знаења и вештини, настојува да им помогне на младите луѓе на почетокот на нивната професионална кариера.

Студентите и компаниите вклучени во академијата, изразија задоволство од денешната посета на претседателот Иванов, и ги споделија своите лични искуства за нивната работа и делување кое се темели на развој на иновативни проекти од областа на информатичко-комуникациските технологии и креативните индустрии.

Бизнис акцелератор „ЊуМенс” работи на интеграција и вмрежување на студентите, бизнисите и инвеститорите, овозможувајќи им на младите луѓе да оформат сопствени компании. Во програмите на Акцелераторот се вклучени 120 студенти, 30 млади претприемачи, 20 стартап тимови, 15 фриленсери, 25 мали и средни компании од Македонија и од САД.

За време на посетата, претседателот Иванов ја поздрави работата на академијата, и на сите вклучени им посака многу успех во нивните идни активности и проекти, честитајќи им ги престојаните новогодишни и божиќни празници.