Андреј Гридчук – виола и Наталија Рубинштејн – пијано од Русија на „Охридско Лето“

Вечерва со почеток во 21:00 часот во предворјето на Црквата „Св.Софија“ на програмата на фестивалот „Охридско Лето“ се русите Андреј Гридчук – виола и пијанистката Наталија Рубинштејн,со изведба на дел од Брамс и Франк.

Андреј Гридчук својот прв настап го имаше на 6-годишната возраст со филхармонискиот оркестар на неговиот роден град Иркутск. Следната година тој беше примен во познатата Централна музичка школа во Москва. Студиите по виола ги продолжи на Московскиот конзерваториум „Чајковски“ во класите на Ј. Јанкелевич и Ј. Башмет кај кого наскоро стана асистент. Исто така, Гридчук членуваше во ансамблот „Московски солисти“ воден од Башмет со кој настапуваше ширум свет. Андреј Гридчук беше победник на Државниот натпревар по виола во Советскиот Сојуз во 1984 г. и на Меѓународниот натпревар по виола „Maurice Vieux“ во Орлеан (Франција). Тој настапуваше со Филхармонискиот оркестар на Радио Франција, Симфонискиот оркестар на Хамбург, Московската Филхармонија, Загрепската Филхармонија и многу други, под диригентска палка на Пендерецки, Башмет, Нагано. Како камерен музичар, Гридчук настапува со истакнатите музичари В. Репин, Б. Березовски, М. Мајски, Д. Ситковецки, Квартет „Бородин“, П. Франк, С. Исерлис и други. Тој свири на виола направена во 1750 г. од Паоло Антонио Тесторе. Од 1993 г. Гридчук е солист-виолист на Берлинската Опера.

Лауреатот на меѓународните конкурси, Наталија Рубинштејн, по завршувањето на Московската музичка школа „Гњесини“ и Руската Музичка академија „Гњесини“ ги продолжи последипломските студии на Московскиот конзерваториум „Чајковски“. Како основач на Триото „Брамс“ настапувала со овој ансамбл во Русија, Австрија, Италија, Австралија, Јужна Кореја, Турција, Германија, Белгија, Полска, Хрватска и Македонија. Соработувала со Д. Васиљев, В. Балшин, А. Толпиго, А. Тростјански, Ј. Милкис, А. Књазев, Г. Писаренко, А. Мартинов, Х. Герзмава, А. Фиделиа, К. Балсроп и други. Нејзината дискографија ги вбројува делата на Бетовен, Шуберт, Брамс, Чајковски, Аренски, Глинка, Рахманинов, Шостакович, Шнитке, Блох и Пјацола. Наталија Рубинштејн е постојан учесник на концертните серии во Малата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ и уметнички директор на Меѓународниот фестивал „Арт-Ноември“ во Москва. Од 2002 г. таа е заслужен уметник на Русија. Исто така, таа е професор по камерен ансамбл на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва.