СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиките “немаме за леб, а трошиме на чоколадо

Изјава на д-р Јован Стојаноски, координатор на советничката група на ОО СДСМ Охрид и коалиционите партнери по однос на 49- тата Седница на Советот на Општина Охрид.

„Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиките “немаме за леб, а трошиме на чоколадо.”

И Буџетот за 2016 година ја одсликува катастрофалната економска состојба во којашто се наоѓа Охрид.

Дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески немаат развојна визија за Охрид, граѓаните веќе знаат.

Советничката група на СДСМ во континуитет ова го кажува и должни сме и денеска да истакнеме дека со Буџетот за 2016 година ништо нема да се смени.

Безидејноста на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ продолжува и наредната година.

Наместо санирање на катастрофалната атмосферска канализација, со парите коишто општината ги доби од срамната продажба на атрактивни парцели, сопственост на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески мораат да издвојат 72.000.000 денари за изградба и реконструкција на шеталиштето, кое се наоѓа во добра состојба.

Дополнително што Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ не изградија фекална канализација на граѓаните на кои им ветија дека ќе изградат.

Според Буџетот за 2016 година, некои Урбани блокови во градот Охрид и дел од селата, урбанистичките планови ќе се финансираат на сметка на Буџетот на општината, а за други села и урбани блокови, граѓаните дополнително ќе мораат да плаќаат за изработка на урбанистичките планови.

Ниту во програмите на Јавните претпријатија, не се гледа развоен пристап и остварување на она што Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ го ветуваа. Факт е дека за три години, Јавните претпријатија тонат во нови долгови.

„Дил ориентед“ политиките на Никола Груевски и виртуелните проекти, Охрид го ставија на првото место по бројот на иселени млади луѓе.

Времето на Никола Бакрачески и Никола Груевски помина.

Збогум Никола!“- изјави Стојаноски.