Граѓаните и правните лица од денеска може да нарачаат податоци од Катастарот преку интернет на веб страницата http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP.
– Со дистрибутивниот систем што го воведе Катастарот корисниците на многу едноставен начин, со само три чекори, ќе можат да добијат имотен лист од каде било, од својот дом, од работното место, дури и кога се во движење… Овој систем ќе може да го користат сите граѓани во државава и во странство, како и градежни и геодетски компании, јавни институции, општини, министерства, информира на прес-конференција министерката за информатичко општество и амдинистрација Марта Арсовска Томовска.
Имотен лист досега можеше да се добие само преку шалтерите на Агенцијата за катастар на недвижности и од канцелариите на 700 професионалните корисници, геодетски фирми, нотари, општини…
Покрај податоци од катастарот на недвижности, на новиот портал на Катастарот се достапни и геодетски, картографски и податоци од регистарот на просторни единици за целата територија на Македонија.
Директорот на Катастарот Славче Трпески ги претстави потребните три чекори за добивање имотен лист и за сите други податоци од дистрибутивниот систем. Првиот чекор, како што рече, е пребарување на саканиот имотен лист преку број на катастарска парцела, број на имотен лист или со директна селекција од мапа, вториот чекор е додавање во кошничка за купување и негово плаќање преку интернет, а третиот чекор е преземање на имотниот лист кој е електронски потпишан и е јавна исправа.
Дистрибутивниот систем ќе биде достапен он лајн 24 часа за сите правни и физички лица во земјата и странство. Во зависност од желбата и потребата на корисникот бараните податоци може да се добијат во дигитална или во хартиена форма. Дигиталните податоци се за 20 проценти поевтини од хартиените податоци.
– Имотен лист во електронска форма ќе чини 150 денари, а доколку се порача преку дистрибутивниот систем во хартиена форма ќе изнесува 183 денари и уште 70 денари за поштенски трошоци, информира директорот на Катастарот Славче Трпески.
Податоците што се издаваат во електронска форма, појасни, се официјално достапни податоци потпишани со дигитален сертификат на Агенцијата за катастар на невдижности и се јавни исправи кои можат да се користат пред други државни органи, банки и други институции кои имаат информациски системи. Издадените податоци во фартиена форма, пак, ќе бидат испорачани на адресата наведена во барањето преку брза пошта.
Според министерката Арсовска-Томовска, предностите од воведувањето на електронските услуги се бројни, но сите се однесуваат на ефикасноста во испораката и квалитетот на добиените услуги. – Клучен аспект е и задоволството на крајните корисници, намалувањето на можностите за грешка, реализација на голем број услуги во краток временски рок, намалување на редовите пред шалтерите, а со тоа и скратување на потребното време за добивање на услугата. Со пуштање на овој портал, уште еднаш ја докажуваме мисијата на Владата и владините институции за градење на дигитално општество, рече Арсовска-Томовска.
Министерството за информатичко општество и администрација, како што информира, е во фаза на проектирање национален портал кој ќе ги обедини сите е-услуги на едно место, обезбедувајќи при тоа една точка за услуги за сите корисници.
Геопорталот ќе биде достапен македонски, албански и англиски јазик што овозможува негова широка употреба. Катастарот работеше на негова имплементација една година.