Минусни температури во цела Македонија – утре се очекува снег

Температурите во сите делови на Македонија утринава беа под нулата, а најниските температура се измерени во Битола и во Берово каде живата на термометрите се спуштила до минус 10 Целзиусови степени.

Според мерењата во Управата за хидрометеоролошки работи, утринската температура во Лазарополе, Прилеп, Скопје Струмица и Тетово изнесувала минус осум Целзиусови степени, во Демир Капија, Куманово и Крива Паланка била минус седум, во Дебар, Дојран Гевгелија, Крушево, Маврово и Штип минус шест, во Охрид минус пет, а во Претор минус два Целзиусови степена.

Во текот на денот се очекува умерено облачно време, проследено со слаб ветер од јужен правец, Приквечер се очекува зголемување на облачноста.

Од УХМР соопштуваат дека Македонија утре ќе биде зафатена од серија влажни воздушни бранови, кои ќе донесат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и од снег на повисоките места и на планините.

Променливите локални врнежи од снег во западните делови на земјата ќе формираат снежна покривка.

Извор: meta.mk